ВЕСТ НА ДЕНОТ
Марк Руте е новиот генерален секретар на НАТО
НАТО официјално го именува холандскиот премиер во заминување Марк Руте за нов шеф на Алијансата откако амбасадорите од сите 32 земји-членки го одобрија неговото назначување.
„Северноатлантскиот совет одлучи да го назначи холандскиот премиер Марк Руте за следен генерален секретар на НАТО, наследувајќи го Јенс Столтенберг“, се вели во соопштението на Алијансата.
https://x.com/jensstoltenberg/status/1805880452869210275
Руте беше силно поддржан од САД, и ќе ја преземе функцијата од сегашниот генерален секретар Јенс Столтенберг кога неговиот мандат ќе заврши на 1 октомври.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
– Во однос на оние кои и денес на различни настани и конференции продолжуваат да го величаат договорот што има многу проблеми, нека го видат актуелното однесување на Скопје, во актуелното однесување на Скопје нека ги видат нивните проблематични експерименти. Тоа се стапици за кои одовде од говорницата имавме предупредено. Како што и сега ги предупредуваме нашите северни соседи со едноставни и јасни зборови: Не почнавте добро, прекршувајќи го и меѓународното право и вашите обврски што произлегуваат од меѓународни договори. Престанете да правите сметка, без крчмарот, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговиот говор на состанокот на пратеничката група на Нова демократија.
РЕГИОН
Нова рунда од дијалогот на високо ниво меѓу Белград и Приштина, во која ќе учествуваат претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Куртиќе се одржи денеска во Брисел.
СВЕТ
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на својот канал Телеграм објави дека 90 украински бранители се вратија во Украина од руско заробеништво.
„Дома не е само збор. Домот значи Украина. Денес уште 90 наши луѓе се вратија дома од руско заробеништво. Воини на Националната гарда, морнарицата, вооружените сили, силите за територијална одбрана, граничната служба. го бранеа Мариупол кои ја бранеа нуклеарната централа Чорнобил , оние кои беа на правците Херсон, Донецк, Харкив, Запорижја и Луханск, напиша Зеленски.
СЛОБОДНА ЗОНА
„За нормален човек е несфатливо како може некој под униформа да спроведе тортура, дури и врз дете, девојка или жена. И да ги измачуваат додека не им згасне животот во најстрашни маки. Но тоа се случува, секаде во земјите набројани погоре и во многу други“, пишува Џабир Дерала во колумната „Кога суровоста и садизмот се користат во име на идеологија или држава“.
*
Обидот на поединци во МПЦ-ОА да направат политички профит со приклонување кон победниците на парламентарните избори, преку омаловажување на придонесот што претходната политичка гарнитура го даде за промовирање на автокефалноста на нашата црква, не е само некоректност кон тие политичари. Тука постојат некои други сметки што многу брзо станаа повод за сериозни разлики во црквата по клучни прашања и во битни моменти. Скандалот од 9 јуни е само врв на ледениот брег… пишува Љубомир Костовски во анализата „МПЦ-ОА меѓу партиските ангажмани и руските интереси“.
*
„Жртвите од тортура се соочуваат со ѕидот на молкот и продолжена стигматизација во општеството. Тоа е неприфатливо!
Затоа, ЦИВИЛ, во име на хуманоста и меѓународното право, повикува на решителна и гласна акција против тортурата. Воедно, ЦИВИЛ повикува на целосна и недвосмислена поддршка на жртвите од тортура. Сите политички, институционални и граѓански ентитети, поединци и групи, имаат обврска да се вклучат во борбата против ова антицивилизациско зло. Сечиј придонес е важен!“, велат од ЦИВИЛ по повод Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортура, додавајќи дека „не постои ниту едно оправдување или правна основа за тортура!“.
Д. Муратов