ВЕСТ НА ДЕНОТ
Миле Јанакиески излегува од затвор
По шест години во затвор за повеќе предмети од поранешното Специјално јавно обвинителство, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, денеска излегува од затворот „Скопје“. Апелациониот суд во Скопје, претходно донесе одлука тој да добие условен отпуст за предметот „Титаник“. Покрај „Титаник“, Јанакиески беше обвинет и во „Шпански скали„ и „27-ми април“.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„За разлика од ДУИ, ние не сакаме само декларативно да се претставуваме како „европејци“, додека со антиевропски политики и однесување да придонесуваме партија од македонскиот блок да освои 61 пратеник на следните избори. Сега е време за мудри движења и политики кои ќе обезбедат сигурна иднина за Албанците и за сите граѓани на Северна Македонија“, кажа за ЦИВИЛ Медиа, потпаролот на партијата „Алтернатива“, Орхан Муртезани.
РЕГИОН
Пред точно шест години, на 17 јуни 2018 година, во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро од грчка страна, Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете земји, Република Македонија го смени името во Република Северна Македонија и се отвори патот кон евроатлантската интеграција, но и кон нови перспективи во билатералните односи со Грција.
СВЕТ
ЕУ ги продолжи санкциите воведени поради руската анексија на Крим за уште една година, до 23 јуни 2025 година.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја распушти воената влада, која беше формирана по невидениот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година.
СЛОБОДНА ЗОНА
Во Слободна зона денеска Џабир Дерала пишува за „Шест клучни поенти од мировниот самит во Швајцарија: Зошто праведен мир за Украина значи и мир за светот“, а непропуштајте го и Љубомир Костовски со „Во тунелот кај Штрпци, источно од рајот“.
Подготви: Б. Јордановска