ВЕСТ НА ДЕНОТ
Сајбер напад од Северна Македонија фрли сенка на изборните резултати во Венецуела
Сајбер напад извршен од Северна Македонија влијаел врз пренесувањето на резултатите од претседателските избори во Венецуела, тврди главниот обвинител, Тарек Вилијам Сааб, објави cooperativa.cl.
„Изборниот систем претрпел „напад од Северна Македонија“, чија намера била да „манипулира со резултатите“, но тој не успеал. Зад нападот стојат опозициската лидерка Марија Корина Мачадо и двајца други познати противници на венецуелската влада“, тврди Сааб.
Од МВР за ЦИВИЛ МЕДИА велат дека Секторот за компјутерски криминал ги следи случувањата во однос на наводните обвинувања кон македонски државјани и дека до сега, не се пристигнати никакви барања или информации во однос на горенаведеното од страна на властите во Венецуела за понатамошни проверки од наша страна.
„Исто така, ја информираме јавноста дека дури и појавувањето на македонски IP адреси во некаков наводен напад не значи дека истите изворно потекнуваат од Македонија, односно по досегашното искуство може да информираме дека постои голема веројатност истите да користат ВПН (Виртуални приватни мрежи) или пак да се дел од поголема BotNet мрежа, односно да потекнуваат од таканаречени инфицирани зомби компјутери, кои се компромитирани од страна на хакери преку компјутерски вируси или малициозен софтвер и истите можат да извршат зададени задачи далечински управувани од поединци или група на потенцијални хакери“, велат од МВР.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Глобалното зло на трговијата со луѓе опстојува, влошено од кризи и конфликти. Таа ги плени најранливите, како што јасно покажа руската војна против Украина, која се засили. Борбата против трговијата со луѓе е тематски приоритет за претседавањето со ОБСЕ, како одраз на нашето убедување дека нашата колективна акција може да направи вистинска разлика за справување со оваа грозоморна закана“, изјави претседавачот на ОБСЕ, министерот Јан Борг.
РЕГИОН
Претставниците на српската опозиција најавија дека на денешната седница во Собранието ќе гласаат против зголемувањето на таксата за Јавниот медиумски сервис-РТС од 299 на 349 динари (3 евра), бидејќи сметаат дека тоа е „пропаганден билтен на власта на Александар Вучиќ“, јави дописникот на МИА од Белград.
СВЕТ
САД објавија нов пакет воена помош за Украина во вредност од околу 1,7 милијарди американски долари, што содржи муниција за ПВО и артилериски куршуми кои силите на Киев велат дека им се итно потребни.
Д. Муратов