ВЕСТ НА ДЕНОТ
Северна Македонија бележи напредок во имплементацијата на препораките од ГРЕКО
Северна Македонија бележи напредок во имплементацијата на препораките од Извештајот од четвртиот круг на евалуација на Групата на држави за спречување на корупцијата (ГРЕКО) на Советот на Европа, се наведува во второто дополнение на Вториот извештај за усогласеност на земјава во спроведување на препораките што се однесуваат на спречување на корупција меѓу пратениците, судиите и обвинителите, со што се комплетира постапката за овој евалуациски круг.
Во дополнението на Извештајот се оценува дека 14 од 19-те дадени препораки се имплементирани во задоволителна мера или по нив е постапено на задоволителен начин, за четири дека се делумно имплементирани, а само за една од препораките е дадена оценка дека не е имплементирана.
ГРЕКО во Извештајот посочува напредок во однос на рационализирањето на Кодексот за етичко однесување на пратениците, како и на изработката на програма за обука на пратениците за примена на Кодексот и за идно подигање на свесноста за стандардите поврзани со етиката и интегритетот.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Во изминативе години ја сменивме брзината во нашиот пристап кон Западен Балкан, но сфативме дека не е доволно само да чекаме регионот да ни се приближи, изјави денеска претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на пленарната сесија на Европскиот парламент во Стразбур посветена на подготовката за Самитот на Унијата закажан за 21 и 22 март.
– Не е доволно само да се каже дека вратата е отворена. Ние, исто така, мора да преземеме одговорност и да го поддржиме нивниот пат кон нашата Унија на секој можен начин. Ова е причината зошто го создадовме нашиот План за раст за Западен Балкан. Затоа ги отворивме пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија и затоа се обврзавме да го сториме истото со Босна и Херцеговина, рече Фон дер Лајен.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИНТЕГРАЦИИ Резолуцијата на Сенатот на САД со која се реафирмира поддршката за отворање на првиот преговарачки кластер на Европската унија со Северна Македонија, без дополнителни билатерални услови, ќе значи охрабрување на нашата држава да продолжиме на тој пат, но и охрабрување до ЕУ дека треба да се забрза евроинтеграцијата на државата во Унијата. Таа е и порака до политичките фактори овде кои заговараат дека се можни алтернативи на членството во ЕУ, оцени денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи.
ВАКЦИНИ/ГРАДИНКИ Скоро 50 отсто од децата во градинките во Скопје се невакцинирани или се делумно против пертусис, а во внатрешноста над 95 отсто од дечињата се вакцинирани, информираше денеска директорката на Државниот санитарен здравствен инспекторат Рената Младеновска.
ПРАВДА Апелација ја уважи жалбата за условен отпус на Миле Јанакиески.
Апелациониот суд Скопје ја прифати жалбата на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и го врати предметот пред Кривичен, за тој повторно да одлучи за барањето за условен отпуст на Мијалков.
СВЕТ Францускиот дневен весник „Либерасион“ објави провокативна карикатура на којашто се исмејува гладот на Палестинците во Газа за време на рамазанскиот пост.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Првиот услов за какви било разговори за ставање крај на војната во Украина е Русија да ја прекине својата агресија, изјави денеска државниот секретар на Ватикан кардиналот Пјетро Паролин.
АЛ-ПРЕС
Американскиот дипломат во Албанија, Дејвид Визнер излезе со јасна порака до политичарите, на средба со претседателката на Собранието Линдита Никола. Тој им порача дека партиите треба да им служат на граѓаните и евроатлантската иднина на Албанија. Се очекува дека лидерите на мнозинството и опозицијата ќе преговараат веќе денеска, пренесуваат албанските медиуми.
Деновиве на мрежата ИКС се појави фотографија на Милан Радоичиќ, организаторот на нападот во Бањска, со поранешниот српски амбасадор во САД, и претендент за премиер, Марко Ѓуриќ, за која косовските медиуми велат дека не се знае локацијата, ниту дали е автентична. Сепак, од американскиот Стејт Департмент излегоа со соопштение дека се запознаени со извештаите во медиумите за средбата меѓу Марко Ѓуриќ, српскиот амбасадор во САД, и Милан Радоичиќ, кој е на црната листа на САД поради вмешаност во меѓународниот организиран криминал, и дека остануваат на ставот дека Радоичиќ е криминалец кој мора да одговара, пренесуваат косовските медиуми.
Ова се дел од темите од денешниот редакциски избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот.
АНАЛИЗИ
Додека Русите се подготвуваат да му дадат на претседателот уште еден шестгодишен мандат оваа недела, поранешен ривал на Путин, од кандидат на протести стана гротескен воен јастреб.
Пред два изборни циклуси, во 2012 година, Сергеј Миронов гласно ја играше улогата на опозиција на владејачката партија во Русија, носејќи ја белата лента на протестното движење во Државната Дума и тврдејќи дека неговата трка против Владимир Путин е „сериозна“.
Дури и најави дека, ако стане претседател, ќе го назначи сега починатиот опозициски лидер Алексеј Навални за шеф на сметководствената комора на Русија како антикорупциска мерка.
Денес,како што пренесува Гардијан, Миронов е гласен, речиси очајно гласен – поттикнувач на војната во Украина, пишува Драган Мишев во анализата „Како марионетите на Путин помагаат да се измамат руските гласачи“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Конечно, го имаме и првиот вмровски дебитант на овие избори. Сите останати се безброј пати повторена приказна. Да! Христијан Мицковски излезе од длабоката и удобна сенка на „шпицерајот“ и тргна да ја води кандидатската листа во Единица.
Ќе се сетите – тој, како шеф на партија, избега од изборно соочување во 2020 година и се прогласи за „шпицен“ кандидат за премиер и со тоа урнебесно ја забавуваше политичката и општата јавност. По шест години, крајно време беше да се одважи и да си ја проба политичката среќа со директно учество во изборите – како кандидат за пратеник на претстојните избори. Се разбира, знаеме, очајно ја посакува фотелјата на која, откако тој е шеф на вмро, седеа Зоран Заев и Димитар Ковачевски, а сега седи и Талат Џафери, пишува Џабир Дерала во колумната „Дебитантот Мицковски“.
*
„Како и да е, кампањата веќе е започната и тоа доста мрсно.
Некој напиша или кажа дека и кампањата е како бурекот. Ние кога купуваме бурек со сирење, бурекџиите ни даваат бурек со урда. Така и политичарите ќе ветуваат бурек со месо, а ќе добиваме со кромид!
Пред да стапат на функции, политичарите ветуваат дека нема да јадат со потпис, демек на државна сметка, но како што сме виделе и во времето на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, се јадело „без усул“, пишува Сефер Тахири во колумната „Бурек кампања“.
*
„На 15-17 март 2024 година, рф планира да ги одржи таканаречените претседателски избори. Државата агресор рф планира да ги одржи овие избори и на привремено окупираните територии на Украина – во Автономната Република Крим и градот Севастопол, делови од Донецката, Луганската, Запорижската и Херсонската област“, пишува украинската амбасадорка во земјава Лариса Дир во колумната „Избори под нишан“.
Д. Муратов