пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
27 април 2020. Три години по 27 април 2017 и крвавиот обид за убиства на луѓе, државен удар, поттикнување на меѓуетнички судир и граѓанска војна.
27 април 2017 го организираше и подготви врвот на МВРО и нивните инструменти инсталирани во институциите, полицијата, безбедносните служби и државниот апарат, во образованието, медиумите, и во граѓанското организирање, во заробената држава од Фамилијата и нејзините слуги.
За „квалитетот“ на оваа структура, најилустративен е ставот на самиот кум на Фамилијата, кој своевремено во разговор со минстерката на внатрешни на ‘МВРО-ВМРО’, рече: „ние сме лудаци..“.
27 април и насилството во Собранието беше параван за голата борба за власт и спас од одговорноста за криминалот на столетието, преку поттикнување етничка и политичка омраза и ширење лаги, како „Тиранската платформа“ (која всушност сами ја прифатија) и „федерализација“ на државата, масовна преселба на Албанците во македонските градови, „двојазичност“, бришење на Македонија од името на државата, бришење на јазикот, на идентитетот…
Три години потоа, нема ни Тиранска платформа ни федерализација, ниту 80.000 Албанци преселени во источна Македонија. Три години потоа, со решени спорови со соседите, нашата земја е полноправна членка на НАТО, со добиена одлука за старт на преговорите за членство во ЕУ веднаш. Со „Македонија“ во името на државата, со сочуван јазик и етнички идентитет на македонскиот народ, впишани и во документите на Обединетите нации и во меѓународни договори.
Сепак, и ден-денес истата партија, со истите сателити и цела армија пропагандисти во медиумите и на социјалните мрежи, продолжува со истата приказна. Се величаат убијци и криминалци кои не си ја завршиле „работата“, а се јачаат „јунаци“ кои таа работа ќе ја довршеле. Наспроти нив, стојат луѓе кои го направија за три години она што нашите политичари не успеаја да го направат за 30 години.
27 април, очигледно, сѐ уште стои како потсетник на борбата меѓу лудилото и нормалноста. И за разликата меѓу нив. И ден денес, а веројатно и во годините пред нас. Дали ќе се повтори лудилото или ќе продолжиме да го победуваме – од нас зависи!