НАТО во Скопје
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во своето излагање пред почетокот на разговорите за процесот на пристапување на земјава во НАТО, денеска рече дека членството на Северна Македонија во Алијансата е мошне важно, не само за државата, туку и за целиот регион, како и за Северноатлантската Алијанса. Првиот човек на Алијансата потсети на успешно затвореното прашање со Грција, додавајќи дека храброста се исплатела и оти подобрувањето на безбедноста ќе значи и побрз економски развој за земајта.
Премиерот Зоран Заев истакна дека Северна Македонија веќе има бенефит од членството во Алијансата, прецизирајќи дека било забележано зголемување на странските инвестиции, покачување на платите и намалување на невработеноста во земјава.
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, на средбата со Столтенберг и со Северноатлантскиот Совет истакна дека се цени суштинскиот демократски напредок и спроведените реформи насочени кон возобновување на институционалниот и правен поредок во државата, потенцирајќи ги успешните договори со Грција и Бугарија, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија.
„Како држава остануваме посветени на придонесот за зачувување на глобалниот мир и стабилност, борбата против меѓународниот тероризам, за што сме подготвени во наредниот период да го зајакнеме нашето учество во мировните операции под водство на НАТО. За нас членството во НАТО е еден од најголемите кохезиони фактори во нашето мултиетничко општество, а поддршката за процесот е константно висока години наназад, што не обврзува како држава да продолжиме со реформите и како полноправна членка на НАТО“, изјави Пендаровски.
Националистите го покажаа своето вистинско лице
„Смрт за клетите шиптари“ и „Чиста Македонија“, со овие расистички скандирања навивачите, но и голем дел од македонските граѓани ја прославија титулата Европски шампион на ракометниот клуб „Вардар“ на плоштадот во Скопје. Прослаавата на плоштад Македонија резултираше и со една повреда на девојка од користење на пиротехника.
На говорот на омраза веднаш реагираше јавност и граѓанските здруженија. ЦИВИЛ -Центар за слобода го осуди ваквото навивање и прославување. Од ЦИВИЛ упатија барање до институциите да реагираат на време и да не дозволат уште една „прослава на омразата“! Да ги преземат сите мерки, да ги истражат овие случаи и итно да го санкционираат поттикнувањето на насилството и ширењето на меѓуетничка омраза.
„ЦИВИЛ најостро ги осудува сите форми на поттикнување на насилство, говор на омраза и предизвикување на меѓуетничка омраза. ЦИВИЛ и понатаму ќе го следи развојот на настаните поврзани со синоќешните инциденти. Неказнивоста на овие дела мора да запре засекогаш!“, се вели во нивното соопштение.
Министерствто за внатрешни работи, пак, преку соопштение извести дека ќе ги преземе сите неопходни мерки за обезбедување на јавниот ред и мир на пречекот на ракометарите и ќе биде најстрого санкциониран било каков обид за предизвикување на инцидент, како што тоа беше направено на синоќешната прослава..
Од министерството апелираат до граѓаните да не употребуваат навредливи пароли, скандирања или пеење на песни со кои шират говор на омраза, затоа што тоа ќе биде санкционирано, а граѓаните да се воздржат од употреба на пиротехнички средства затоа што на тој начин се загрозува сечија безбедност, како што беше случајот со девојката што вчера се здоби со повреди од пиротехничко средство.
Антикорупциска покренува прекршочна пријава против градоначалникот на Неготино
Државната комисија за спречување на комисија го затвори предметот и не поведе понатамошна постапка во случајот каде градоначалникот на Неготино, Тони Делков, се обвинува дека ја вработил сопругата на совјот прв братучед.
Сепак, ДКСК донесе одлука да се покрене прекршочна постапка против градоначалникот на Неготино во случај каде се обвинува за потпишување вработувања на нови лица за време на изборна кампања. Според ДКСК, тој започнатите постапки за вработување требал да ги стави во мирување и во никој случај да не започнува за вработување на нови лица за време на изборна кампања. Вработувањата оделе преку Агенција за привремени вработувања.
Обвинителство со кривична пријава против Ел Чека
Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава за Неовластено прислушување и снимање против лице од кичевското село Турин, кој на Фејсбук се преставува како Ел Чека и снимките од прислушуваните материјали ги пушта од Чикаго. ОЈО побара од надлежните органи во САД да преземат законски дејствија во насока спречување на натамошно објавување на сниманите материјали. Содржината на кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика се однесува на едно лице кое е со адреса на живеење во Кичевското село Турин, но дека кривичните дела ги извршува од Чикаго, САД каде преку неговиот Фејсбук профил Ел Чека неовластено објавува снимани материјали.
Европскиот комитет со порака за вложување во борбата против аерозагадувањето
Државата има добри закони и стратегии од областа на заштитата на животната средина, но нема капацитети да ги примени, и тоа најмногу се чувствува кога се во прашање квалитетот на воздухот, заштита на водите, како и управувањето со отпад. Ова е еден од заклучоците поврзани со екологијата во проценката за напредокот на Република Северна Македонија, кои произлегоа од Извештајот на Европската Комисија за 2019 година, кој беше објавен во средата.
Во препораките на ЕК во делот за животната средина и климатските промени стои дека земјава мора да ги примени мерките за подобрување на квалитетот на воздухот преку обезбедување соработка и координација меѓу властите на државно и на локално ниво, но и да обезбеди доволно средства за реализација на тие мерки. Исто така, на Македонија ѝ се препорачува спроведување на усвоените планови за управување со отпад, како и развивање Национален план за енергија и клима, за да ги исполни своите обврски од Парискиот договор и Рамката ЕУ 2030. Во однос на аерозагадувањето, во Извештајот на ЕК се вели дека недостигот на административни и на финансиски ресурси сериозно го загрозува спроведувањето на мерките за подобрување на квалитетот на воздухот.
Б. Јордановска












