Рикер во посета на Северна Македонија
„Историјата е училиште, а не затвор. Направивте огромен чекор напред кон место во НАТО и ЕУ, а трансатлантската заедница останува темел на надворешната политика на САД“, ова денеска го изјави идниот американски помошник државен секретар Филип Рикер при посетата во Скопје.
Рикер ја истакна поддршката за земјата, но и за регионот кој и натаму се соочува со големи предизвици, во свет полн со турбуленции. Тој денеска во Скопје има средби со шефот на дипломатијата Никола Димитров, премиерот Зоран Заев, како и вицепремиерите за економски и за европски прашања, Кочо Анѓушев и Бујар Османи.
Вељаноски се врати на работа
Пратеникот Трајко Вељаноски, чиј имунитет „преживеа“ минатата недела, денеска се врати на работа, откако Собранието не успеа да изгласа одземање на пратеничкот имунитет во законски предвидениот рок. Вељановски е осомничен како еден од петте организатори на „крвавиот четврток“. Тој денеска седна во својата пратеничка фотелја и гласаше „за“ предлог измените на законот за ДДВ.
Врховен ги ослободи бизнисмените од „Империја“
Врховниот суд ги прифати жалбите и бизнисмените Јордан Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ, осомничени во истрагата на СЈО „Империја“, излегуваат од куќен притвор. Оваа информација е неофицијална и се очекува да биде потвердена во текот на денот.
Според правното мислење кое го утврдија врховните судии на општа седница, СЈО е неовластен тужител и не може да покренува обвиненија, да отвора истраги и презема предмети од редовното обвинителство 18 месеци по преземањето на бомбите.
Ќе доцнат извештаите на Европската комисија
Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан денеска изјави дека извештаите за напредокот на земјите од Западниот Балкан нема да бидат објавени наредниот месец поради европските избори.
„Во тој поглед се обидуваме да ги отстраниме сите можни пречки што би можеле да ја отежна објективната, неутралната дебата, да не биде засегната од ЕУ изборите. Размислуваме да биде подоцна од вообичаено за да овозможиме дебата за различните исходи за проширувањето, дебата базирана на факти“, изјави Хан.
Претседателски избори 2019
Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупција и Државниот завод за ревизија потпишаа Меморандум за соработка за време на претседателските избори. Со овој меморандум тие се обврзаа заеднички да се борат против изборните нерегуларности.
На новинарски прашања Оливер Деркоски од ДИК и Билјана Ивановска од ДКСК, по потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу овие две институции и Државниот завод за ревизија, одговорија дека до сега нема укажувања за предизборна кампања. Деркоски изјави дека уште не се комплетирани листите официјално за да се започне со кампањата.
„Нема потврдени листи на кандидати, затоа и нема предвремен почеток на кампањата. Тие треба да се потврдат до 21 март, до тогаш да ги достават своите кандидатури. Кога тие ќе се потврдат можеме да зборуваме за предвремен почеток на изборна кампања“, ијзави Деркоски.
До сега потписи за поддршка собрала само кандидатката за претседателка на државата, Гордана Силјановска Давкова, вкупно 16.000 илјади потписи на граѓани.
Нема место за Господ во одлуката за прекин на бременоста
Денешната јавна расправа за измени на Законот за прекин на бременоста во Собранието помина во вжештена атмосфера. Верските лидери кои се обидоа да присуствуваат на истата не добија пристап затоа што не биле поканети, додека пак граѓанските организации се спортивставија на донесување на законот.
Новите законски измени предвидуваат до 12 недела абортус се прави на барање и со согласност на жената, од 12 до 22 гестациска недела на барање на жената, по медицински индикации тогаш жената не оди на комисија. Лекарот може да бара совет и мислење од друг колега. По 22 недела се поднесува барање до првостепена комисија која е составена од 2 гинеколози и еден социјален работник, а потоа има право на жалба.
Борба, не кафана!
„Борба, не кафана“ е тема на панел дискусијата која ја организира ЦИВИЛ – Центар за слобода во четврток (7 март) во 12 часот во Менада.
Покрај напредокот на општеството и развојот на свеста кај луѓето, сепак, голем дел од жените се соочуваат со сериозни и реални проблеми кои се многу поголеми од тоа во која кафана ќе се прослави Денот на жената или колку пари ќе се дадат за подарок за наставничката. На дискусијата нашите гостинки и гости ќе дискутираат за правата на жената, за потребата од борба, а не пригодно одбележување на Денот на правата на жените, за злоупотребите, дискриминацијата…
Како да се избориме за правата на жената кога не ја разбираме суштината на 8 март е прашањето на коешто ќе се обидат да ни дадат одговор нашите соговорнички и соговорници.
М. Ивановска