Граѓанската иницијатива „5 до 12“ од денеска, по четврти пат, кампува во скопскиот парк „Жена-борец“, спроти Собранието.
Кампот ќе биде подигнат до 22 јули, а предвидена е и викенд-агенда со разни активности, работилници и консултации за законските акти за подобрување на правата на лицата со посебни потреби.
Целта на викенд-кампот што се подигнува еднаш месечно, спроти Собранието, е да поврзе повеќе граѓани, луѓе од надлежните институции, организациии и лица со попреченост, хендикеп или посебни потреби. Потоа, сите заедно обединети, да споделуваат искуства и изнаоѓаат соодветни решенија, а долгогодишните проблеми да останат во фокусот на јавноста и станат приоритет на новата Влада.
„Сите заедно ќе покажеме дека сме свесни и зрели да ги прифатиме овие лица како еднакви и рамноправни, и дека сме подготвени сите заедно, да се заложиме за остварување на нивните права“, стои во повикот за поддршка испратен до јавноста и до одговорните во Собранието и новата Влада.
Инаку, во иминатиов период иницијативата „5 до 12“ оствари средби во Собранието и работни состаноци со ресорните министерства, но сè уште чекаат од ветената поддршка да произлезат и конкретни резултати.
М. И.