Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје и ЦИВИЛ – Центар за слобода организираат панел дискусија на тема „Младинските перспективи за интеграцијата на Македонија во ЕУ“ што ќе се одржи денеска од 11.45 – 13.00 часот на северната тераса на Музејот на современа уметност во Скопје. Панелот се организира по повод официјалната посета на државниот министер за Европа на Германија, Михаел Рот.
Ова е исклучителна можност за претставниците на младинските организации во Македонија, како и за останатите учесници, да ги споделат своите идеи и ставови за евроинтеграциските процеси на земјата и да се обидат, заедно со високиот гостин, да дадат одговор на прашањето:
На кој начин членството во ЕУ ќе придонесе за унапредување на можностите на младите луѓе во земјата во поглед на образованието, вработувањето, справувањето со криминал и корупција, инклузивноста и учеството во демократските процеси на национално и локално ниво?
Дискусијата на настанот ќе се одвива на англиски јазик. Организаторите ќе обезбедат видео стриминг, а онлајн заедницата ќе може да поставува прашања и да коментира на социјалните мрежи. Хаштаг: #MKyouthEU