fbpx
Фото: Укринформ
Фото; Укринформ
Фото: Скриншот
Фото: Фејсбук

Од среда патарината може да се плаќа електронски

Редовните корисници ќе добијат попусти од 2 до 7 отсто на патарините при надополнувањето на безконтактните картички и таговите како уреди за електронска наплата на патарина.

Не се остварија ветувањата на Јавното претпријатие за државни патишта дека електронскиот систем за наплата на патарина ќе стартува до крајот на месец јуни. Ветувањето на директорот Зоран Китанов беше дека веќе во јуни на автопатот долж Коридорот 10 ќе може да се плаќа патарина со електронска картичка или таг, пишува Мета.

– Сè е спремно и тестирано за пуштањето на електронската наплата на патарина – изјави за „Мета“ директорот Китанов на 13 јуни.

Но од јавното претпријатие денеска објаснија дека наплатата би требало да стартува в среда.

– Неофицијално, системот би требало да проработи в среда – објаснија од јавното претпријатие во телефонски разговор за „Мета“.

Со електронската наплата на патарината граѓаните би добиле попуст од 2 до 7 отсто на патарините долж Коридорот 10. Воедно, новиот начин на плаќање овозможува помали чекања на наплатните рампи, кои токму во летните месеци се окупирани од голем број на возила на граѓаните што патуваат на море. Најновото ветување за пуштање на системот до крајот на јуни дојде откако претходно во мај беше најавено дека електронската наплата ќе профункционира на почетокот од јуни. Властите во изминатиов период безброј пати го одложија профункционирањето на проектот, за кој беше потпишан договор за негова реализација со турската компанија „Аселсан“ во ноември 2014 година.

Првичниот рок за пуштање во употреба на системот за наплата со електронски уреди беше почетокот на 2016 година. За набавка на камерите, читачите на картичките и останатата опрема се зеде кредит од ЕБОР во висина од 18,7 милиони евра. По три и пол години доцнење на проектот, целокупната опрема е инсталирана на патарините долж Коридорот 10. Доколку сакаат да платат со новиот систем, граѓаните ќе треба на наплатните рампи да купат електронска картичка по цена од 100 денари. Втората опција е за 1.200 денари да се набави таг за автоматско отчитување на патарината.

И двата електронски уреди ќе треба да се надополнуваат, при што возачите ќе добијат попуст од 2 отсто доколку надополнетата сума изнесува од 301 до 10.000 денари, 3 отсто попуст за надополнета сума од 10.001 до 50.000 денари, 5 отсто попуст за надополнета сума од 50.001 до 300.000 денари и 7 отсто намалување на цената за патарина при надополнување на сума од над 300.001 денари.

Print Friendly, PDF & Email

CIVIL MEDIA NEWSLETTER