Кога и да се навестуваат некакви наводни предвремени избори, веднаш се активира антимигрантската хистерична машинерија. Пред неколку дена е отворена Фејсбук групата, односно кампањата – „Стоп за мигрантските кампови во Македонија“. Оваа Фејсбук група има за цел да ги заплашува граѓанките и граѓаните на Северна Македонија, дека набрзо ќе се доселат стотици илјади мигранти, меѓу кои и припадници на ИСИС.
„Со 100 илјади мигранти од Азија ние стануваме лулка на ИСИС во Македонија. За 5 години тие ќе бидат 200 илјади за 20 години пола милион. Македонија ќе биде изгубена засекогаш“, пишува на Фејсбук статусот.
Според админите на групата тие имаат „Национална стратегија за спас на Македонија од гетоизација и кантонизација“.
Изминатите години, по правило, секој изборен процес во земјата е проследен со „мигрантска криза“. Во текстот на ЦИВИЛ Медиа „Изборите повторно ја разбудија антимигрантската хистерија“ кој е објавен пред неколку месеци, има серија на неколку примери како се заплашуваа(т) граѓаните. По завршување на изборите, антимигрантската хистерија веднаш спласнува.
Ова „стратегија“ за заплашување на граѓан(к)ите е позната дека ја користеше опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Во овој период токму спомнатата партија бара предвремени избори.
Дехран Муратов












