Владеењето на правото и почитувањето на меѓународни узанси и правила е норматив, европска вредност која и вие и јас и сите се залагаме. Потерницата е стигната од Интерпол, не е ниту од Вучиќ или Милошевиќ. Од Интерпол каде сме членка и каде сме гласале и Косово да биде членка, без разлика што Србија е против. Постапките ги води надлежен обвинител и за нив одлучува надлежен судија, ниту ги води Заев, ниту Спасовски, ниту Агим Нухиу, ниту кој било од Владата, јавува МИА.
Ова го изјави премиерот Зоран Заев одговарајќи на прашање од пратеникот и координатор на ДУИ Ејуп Аљими за одлуката за екстрадиционенен притвор на Томор Морина, поранешен член на Ослободителната војска на Косово, кој е уапсен во Северна Македонија по потерница на Србија.
„За да можете вака да покажувате со прст, мора прво да знаете кој води постапки и кој одлучува. Второ кој е законот и владеењето на правото и трето што значи почитување на меѓународните закони и правила. Праксата досега покажала во вакви случаи, вклучително и премиерот Рамуш Харадинај, на меѓународни потреници каде било во земјите членки и земјите што се членки на ЕУ, а го признале Косово тие постапуваат по меѓународното право. Правосудството и во Австрија и во Северна Македонија и во Грција, и во Британија носи одлуки за екстрадиционен притвор. За време на одлуката на екстрадиционен притвор надлежните институции одлучуваат за правото на екстрадиција или не. Во тоа право јасно стои дека тој е граѓанин на Косово, а не е граѓанин на Србија и се ослободува од притвор и не се прави екстрадиција. Тоа е меѓународното право“, рече Заев.
Тој додаде дека од Министерството за правда го информирале каква е праксата во вакви случаи и додаде дека верува оти граѓанинот на Косово согласно тоа дали има или не екстрадициона одлука ги има сите права, согласно закон, владеење на правото и на меѓународното право.
„Праксата покажала дека Интерпол кога ги прима документите стои дека е граѓанин на Србија. Тоа не е точно. Денеска нашата земја и пријателска со Косово потврдува дека е тој граѓанин на Косово, а има пасош и од Велика Британија и од Косово. Дозволете институциите да си ја завршат работата. Најмалку што очекувам е почитување на законите на оваа држава“, изјави Заев.











