Жител на гостиварското село Беловиште е приведен и се соочува со пријава поради неовластено приредување огномет на свадбена веселба.
Од СВР Тетово потврдуваат дека синоќа околу 22 часот и 50 минути, во Полициската станица Гостивар бил приведен М.Б. (49) од гостиварското село Беловиште поради неовластено приредување огномет и нарушување на јавниот ред и мир, јавува МИА:
На М.Б, пред чија заедничка куќа со неговиот брат, кој организирал свадбена веселба, одземени му се повеќе парчиња разновидни пиротехнички средства. Случајот се расчистува и против М.Б. ќе следува поднесок. Полицијата дополнително ќе испитува дали покрај огнометот имало и пукање од огнено оружје.
Вчера во гостиварско беше приведен граѓанин поради нелегално пукање со петарди, исто така, на свадба. Претходно, во Мала Речица двјаца беа повредни од огнено оружје со кое се пукало на свадба. Едно од повредените лице излезе дека е син на на пратеникот од ДУИ, Џевад Адеми.
СВР Тетово најави дека ќе ги засили контролите за откривање и законско санкционирање на „пукањата“ и приредувањето на огномети без одобрение, и „нула толераниција“ кон лицата фатени со оружје. Според нивните информации, како што јавува МИА летово се случија инциденти што резултираа со 4 повредени лица, 2 во Тетово и 2 во гостиварско Чајле. Од 1 јануари до 31 јули годинава, на подрачјето на СВР Тетово биле регистрирани вкупно пет случаи на неовластено пукање со огнено оружје и пиротехнички средства на свадбени и други семејни веселби. Два од нив биле „предизвикување општа опасност“ и се во фаза на расветлување, едниот во Тетово и вториот во Камењане.
ЦИВИЛ излезе и со соопштение во кое ги предупреди засегнатите страни во доменот на општеството, институциите и Владата дека е крајно време да преземат сериозни чекори за надминување на култот кон оружјето и другите проблеми поврзани со оружјето. Како што се вели во соопштението, во земјата е секојдневие свеченостите и другите веселби да завршуваат со повредени лица или со загубени човечки животи! ЦИВИЛ, исто така, апелира до граѓаните да ги заменат куршумите со огномети ракувани од квалификуван персонал.
Б. Ј.












