Поминаа речиси 7 и пол години од почетокот на граѓанската војна во Сирија, која прерасна во регионална војна и има глобални импликации. На сите им е јасно дека најголем број жртви однесе режимот на Башар ал Асад, помогнат од Русија со војска, логистика и политичка заштита, однесе најмногу животи во оваа голема и некогаш богата земја. Во последните неколку години, руската армија и отворено влезе во воена коалиција со силите на режимот и изврши невидени злосторства против човештвото, вклучувајќи масовни убиства, силувања, прогони, масакри и масовен егзодус на населението.
Дел од тимот на ЦИВИЛ Медиа одлучи да подготви серија написи за сириската трагедија со која ќе придонесе кон расветлување на овој страотен воен пожар кој однесе стотици илјади животи и разори милиони домови и семејства. Користени се официјални извештаи на меѓународни и сириски набљудувачи и организации за човекови права.
ЦИВИЛ се придружува кон светските повици за мир во Сирија и изведување на злосторниците пред меѓународниот суд за злосторства против човештвото.
Во денешниот напис за Сирија, изнесуваме преглед од извештај во кој се вели дека не помалку од 95.056 лица се документирани како лица кои сè уште се присилно исчезнати во рацете на страните во конфликтот во Сирија во периодот од март 2011 до август 2018 година. Ова е истакнато во извештајот на Сириската мрежа за човекови права (СНХР) објавен пред една година, без значителна реакција на меѓународните власти, сè до првата нацрт-резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации во јуни 2019 година и неколку изјави на меѓународни организации кои следеа потоа. Овој извештај фрла светлина на најзначајните случаи на своеволно апсење и присилно исчезнување во земјата.
Извештајот содржи 39 портрети на истакнати личности во народното востание за демократија, кои се уапсени или присилно исчезнале во рацете на различните партии во конфликтот, од кои мнозинството од овие лица биле жртва на апаратот на сирискиот режим за присилно исчезнување. Овие портрети ќе бидат изложени на повеќе изложби низ целиот свет.
Извештајот ја користи уметноста за да го истакне прашањето за притворените и насилно исчезнатите лица како потсетник за нивното страдање во значително различен пристап од активностите на групата во изминатите осум години, кои се фокусираа на објавување извештаи, студии и бројки.
Сирискиот режим, се бележи во извештајот, беше првиот од страните во конфликтот кој ги спроведе овие практики на систематски начин против различните сегменти на сириското општество. Режимот има прифатено методи налик на мафијата, при што повеќето апсења се без никаков налог или судско овластување додека жртвите минуваат низ контролен пункт или за време на рации. Уште од првиот момент на апсењето, притвореникот е подложен на тортура и без било каква шанса да стапи во контакт со семејството или со адвокат. Покрај тоа, властите рутински негираат дека воопшто извршиле апсење; како резултат, повеќето притвореници, дури до 85 проценти, се водат како присилно исчезнати случаи. Овие практики се дел од пресметувачката и намерна централна политика на сирискиот режим.
Во извештајот се додава дека сирискиот режим негира дека се случуваат било какви инциденти на тортура или смрт со тортура во нивните центри за притвор, иако имаат издадено стотици уверенија за смрт за насилно исчезнатите поранешни притвореници во овие затвори. Во овие уверенија за смрт речиси секогаш е наведено дека причината за смрт била или миокардна инфракција (срцев удар) или нагло прекинување на дишењето без да им се даваат на семејствата на починатите затвореници дополнителни информации за околностите на смртта на присилно исчезнатите членови на семејството. Семејствата не добиваат медицински извештај и најчесто им е забранета можноста да ги видат телата на нивните најблиски или да добијат информации за местото на нивното почивање.
Џ. Дерала