Претседателот на Собранието, Талат Џафери, учествува на Самитот на Универзалната федерација за мир на тема„Мирот, безбедноста и човечкиот развој во Југоисточна Европа“ од 25 до 27 октомври во Тирана. Во своето обраќање, Џафери истакна дека Албанија и Северна Македонија не смеат да губат надеж и дека треба да го следат истиот пат на исполнување на критериумите, односно правењето на реформите, независно од одлуката на ЕУ.
„Југоисточна Европа, има турбулентна историја која не остава никого индиферентен. Секогаш имало антагонизми и раздори, секогаш било лесно да се разбудат чудовиштата и да врие казанот наречен „Балкан“, меѓутоа, се чини дека лека полека меѓутоа сигурно, се надминуваат овие штетни симптоми, говорот на омраза се заменува со современ говор на цивилизиран и визионерски дијалог“, истакан Џафери на почетокот од совето обраќање.
„Доаѓам тука од Стразбур, каде што бев учесник на Европската конференција на претседатели на Парламенти на Парламентарното собрание на Советот на Европа, каде покрај моето обраќање на Конференцијата, имав и средба со претседателот на Европскиот парламент и со други европратеници. За време на разговорите што се одвиваа во искрена и пријателска атмосфера, се кажа тоа што постојано се повторува од сите дека поддршката за нашата евроинтеграција продолжува и понатака, признаваат дека е нанесена неправда, меѓутоа и дека не смееме да губиме надеж и дека треба да го следиме истиот пат на исполнување на критериумите, односно правењето на реформите. Јас реков дека разочарувањето е природно кај сите, меѓутоа и тоа дека за нас е неприфатлива каква било евентуална алтернатива на процесот на пристапување, односно, ставањето на земјата во категоријата на соседство на ЕУ и истакнав дека Берлинскиот процес е комплементарен со процесот на евроинтеграција преку кој земјите на Западен Балкан можат да постигнат забрзан напредок на реформите и ние сме сериозно посветени кон процесот во интерес на поскорото интегрирање во Европската унија“, изјави Џафери.
Џафери додаде дека потврда за поддршката на двете земји е и Резолуцијата што се усвои во Парламентот со огромно мнозинство и со признавање на сите напори и реформи што тие ги направиле.
„Се разбира дека нашите активности нема да застанат тука и дека и понатака ќе продолжиме во сиот ритам затоа што тоа е за развојот и напредокот на нашите земји, за безбедноста и благосостојбата на нашите граѓани и за еден поквалитетен живот за сите. Ќе продолжиме да градиме мостови на соработка и приближување меѓу нашите народи, нашите држави и целиот регион и светот. Ќе продолжиме со заеднички проекти за да бидеме конкурентни со развиениот свет во технолошки, еколошки, културен, научен, интелектуален, уметнички и друг аспект, затоа што имаме човечки потенцијал, имаме силна волја и имаме далековидност да бидеме примерни“, рече Џафери.