ВЕСТ НА ДЕНОТ: Нови четири случаи на корона вирусот во земјата, во Дебар и Центар Жупа прогласена кризна состојба
Четири лица што биле во контакт со втората група на хоспитализирани лица од Дебар се позитивни на корона вирусот, од вкупно десет што се тестирани, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче. На скопскиот аеродром, пак, бил забележан македонски државјанин кој пристигнал до Германија и имал лесно покачена температура, информираше министерот. Тој и патниците што биле околу него се изолирани и дополнително ќе се информира за нивната состојба.
Претседателот Стево Пендаровски за в понеделник свика седница на Советот за национална безбедност, на која ќе присуствуваат и министерот за здравство и началникот на Генералштабот на Армијата, на која ќе се разговара за состојбата со корона вирусот и мерките кои стојат на располагање.
По донесената одлука за прогласување на кризна состојба во Дебар и Центар Жупа, Министерството за правда ги извести претседателот на Судскиот совет Киро Здравев и Јавниот обвинител Љубомир Јовески дека главниот штаб, согласно Законот за управување со кризи, во рок од 24 часа треба да издаде акциски план за постапување. Судскиот совет и Јавното обвинителство треба планот да го земат предвид при носењето одлуки поврзани со работата на судовите и обвинителствата кои постапуваат на териториите на кои што е прогласена кризна состојба.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Пендаровски: Шпанија на 17 март ќе го ратификува Протоколот за НАТО, на 26-ти очекуваме зелено светло за преговори со ЕУ
„И покрај состојбата во Шпанија, која е исклучително лоша, бидејќи Шпанија е во високоризичните држави, тие на 17-ти овој месец закажаа седница на Парламентот на која дел ќе биде и преку видеолинк и ќе има само една точка на дневниот ред, а тоа е ратификацијата на Пристапниот протокол за нашата држава за членство во Алијансата. Колку е голема солидарноста на шпанскиот Парламент, министерката за родова еднаквост е заразена со вирусот, а во самоизолација е и вицепремиерот на шпанската Влада“, рече Пендаровски.
ИНТЕРВЈУ: Стојановиќ: Катастрофа е благ збор да се опише состојбата што ја затекнав во затворите во 2017 година
Јовица Стојановиќ е директор на Управата за извршување санкции при Министерството за правда на Република Северна Македонија. Уште при првиот контакт, тој остава впечаток на строг, прецизен и уреден човек, вистински професионалец. Тој е на функција нешто повеќе од две години, но за овој краток период, тој успеа да започне серија тешки и комплексни проекти. По средбата со Стојановиќ, човек ќе се запраша каде беше овој човек, со сите идеи и способности, каде бил 11 години за време на режимот, кога затворскиот систем беше казна за неистомислениците. Во еден момент, пред крајот на интервјуто, тоа и го запрашавме. Тој кратко одговори: Во фиока.
Во првиот дел од нашиот разговор со Стојановиќ, се фокусираме на промените во КПД Идризово правејќи и паралела меѓу состојбите кои ги затекнал и она што успеала да направи УИС по неговото назначување за директор.
СКЕН
Иако навидум невидливи, сајбер нападите се покажаа како одличен механизам во пресрет на изборите.
Што се сајбер нападите, како тие влијаат врз работата на медиумите, какви комерцијални, медиумски и политички импликации имаат и како тие се користат како предизборно „оружје“ беа дел од прашањата што ЦИВИЛ ги постави на панел дискусијата „Сајбер напади – предизборно оружје“, но и тема на оваа издание на СКЕН – политички видео магазин.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Полиција ги спречи автобусите на Нехар турс да заминат во Црна Гора во 3 часот по полноќ. Возачите одбивале да се вратат, но на крајот се согласиле да ги свртат автобусите и да ја следат полициската придружба, која постапила соодветно со мерките на Владата за заштита од корона вирусот.
*
Од понеделник неформална едукација за учениците и децата на претшколска возраст на сите три канали на МРТВ, изведени од наставните програми по кои тие во моментов се едуцираат во училиштата и градинките. Сите воспитно-образовни установи се привремено затворени со одлука на Владата, како дел од мерките за заштита на јавното здравје поради ризикот од ширењето на корона вирусот.
*
Фотографии и видео од ласерско скенирање на браната Матка, на кои се претставени зони со различни бои, стојат на интернет страници на приватна странска компанија. Фирмата која ги изработила, „Монитера“, одговори дека снимките се направени за демонстрација на нивниот систем за надзор, во која се симулирани оштетувања, но, „за среќа, вистинските мерења не покажуваат оштетувања“.
*
„Во понеделникот се вратив од Шпанија, а во средата беше прогласена Шпанија за земја со висок ризик. Вчера бев на совет, а денес не сум на работа бидејќи сум на погреб, почина брат на татко ми“, изјави директорот на АВМУ Зоран Трајчевски, откако на Фејсбук се појавија фотографии каде се гледа неговото присуство во Шпанија, објавени на 9 март.
*
Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорот на Р. Грција во нашата држава, Димитрис Јанакакис на која се заклучи дека Договорот од Преспа беше клучен за градењето на добрососедски односи на државите и придвижување на Северна Македонија напред кон НАТО и ЕУ
ИЗБОРНА ХРОНИКА
Демократската партија на Албанците вчера вечер одржа изборна конвенција во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово. И покрај забраната од Министерството за здравство за масовни собири и денешните усогласувања за понатамошниот тек на предизборните активности на партиите на лидерската средба, ДПА не ја откажа конвенцијата.
*
До Државната изборна комисија до синоќа на полноќ кандидатски листи доставиле 15 коалиции и партии, најмногу од нив имаат доставено кандидатски листи за сите шест изборни единици, додека неколку и за гласањето во дијаспората.
Кандидатски листи за шесте изборни единици и за дијаспората доставиле коалицијата „Никогаш северна, секогаш Македонија“, ДУИ, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и Беса, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија“, политичката партија ИНТЕГРА и партијата Демократи. За шесте изборни единици во земјава кандидатски листи до ДИК доставиле коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Работничката партија.
На ДИК останува во следните 48 част да провери дали тие се доставени во предвидениот рок и дали се составени согласно Изборниот законик. Кандидатските листи што ќе бидат доставени по рокот ќе бидат отфрлени.
*
На денешната прес конференција, одговарајќи на новинарско прашање претседателот Стево Пендаровски рече дека доколку има потреба би можело да се одложат изборите.
„Моја проценка е дека избори со редуцирана кампања може да се реализираат, но имам голема резерва за самиот ден на избори… Ако се одложат изборите на месец или два, тоа нема да биде пропаст на светот, најважно е здравјето на граѓаните. Еден милион граѓани гласаат кај нас, имаме 3.000 гласачки места, 5 члена во Избирачките одбори и 5 нивни заменици. На денот на избори имаме гигантска операција за пренос на избирачкиот материјал, па потоа на крајот тој се предава на пребројување“, изјави Пендаровски.
*
Според статусот на пристигнати пријави од дијаспората што може да се најде на сајтот на Државната изборна комисија до објавувањето на оваа информација пријави за гласање поднеле вкупно 7.535 гласачи од кои 6.282 се прифатени, 1.253 се одбиени, а нема необработени. Според Изборниот законик дијаспората може да гласа доколку има 6.540 прифатени пријави.
ЦИВЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ го одложува семинарот „Граѓански објектив“, соодветно на владините мерки за заштита од коронавирусот. Претходно, многу популарниот семинар што се одржува веќе пет години, беше закажан за 21 март (сабота) во Скопје, хотел Континентал.
Организацијата ги известува тие што аплицирале дека, кога ќе се создадат услови, семинарот повторно ќе се организира, а тие што аплицирале за учество, немаат обврска повторно да аплицираат.
Повикот е отворен за сите заинтересирани граќнки и граѓани на национално ниво.
ЦИВИЛ известува дека во тек е и повикот за краткорочни набљудувачи. Сите заинтересирани граѓанки и граѓани можат да аплицираат на следниот ЛИНК
Биљана Јордановска