ВЕСТ НА ДЕНОТ: ЦИВИЛ изразува згрозеност и упатува најостра осуда за бруталниот чин, повикува на нулта толеранција за насилството
На социјалните мрежи се појави крајно вознемирувачко видео кое го пренесоа и медиумите, во кое се документира вербална и физичка тортура врз девојка од Штип. Во видеото што го снимиле самите насилници се гледа како тие ја напаѓаат прво вербално, а потоа и брутално ја претепуваат, ја удираат во пределот на лицето, ѝ ја корнат косата, ја туркаат на бетонскиот под и крвнички ја тепаат со тупаници и клоци.
ЦИВИЛ изразува крајна згрозеност и упатува најостра осуда за овој брутален чин на насилство. Органите на прогонот реагираа брзо по објавата на овој грозоморен чин, но реакцијата не смее да застане на тоа ниво. ЦИВИЛ бара од сите релевантни институции веднаш да ги преземат сите мерки за санкционирање и превенција на вакво безумно насилство. Организацијата повикува да се воведе принцип на нула толеранција за насилството врз жените и девојките и секаков вид на сурово и нечовечко постапување врз било кого.
Овој монструозен пример на физичко изживување и тортура врз оваа жртва е симптом на сѐ уште присутното родово базирано насилство во нашата држава. Во многу случаи, насилството останува непријавено и несанкционирано. Досегашната практика на неказнивост на сторителите, која беше посебно карактеристична за времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити, дополнително ги обесхрабрува жртвите да го пријават насилството во полиција и да побараат заштита поради страв од одмазда и недоверба во институциите. Тоа беше време кога, преку јавните настапи, политиките и практиките, вклучително преку образовниот систем, медиумите и културата се промовираа и пропагираа вредности со кои се деградираат човековите права и слободи во целост, а особено улогата и позицијата на жените во семејството и општеството. Тоа беше време на охрабрување, поттикнување и заштита на насилниците.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Спасовски: Со уредбите за поддршка на економијата државата спасува работни места
Државата ќе спаси 250.000 работни места, обезбедувајќи им минимална плата, најави денеска Владата.
„Со уредбите што завчера и денеска ги донесе Владата за директна помош и поддршка на економијата државата спасува работни места. Тоа се мерки што ги помагаат сите кои се погодени од кризата со коронавирусот, а за секоја категорија стопански субјекти и сите граѓани се креирани мерки според принципот на економска солидарност и баланс на потребите и можностите“, порача денеска преимерот Оливер Спасовски.
Потенцира дека дури 87 отсто од компаниите се подобни да аплицираат за сите мерки со кои ќе бидат опфатени околу 250 илјади работни места и околу 35.000 компании.
ВОНРЕДНА СОСТОЈБА, ДЕН 15
Во изминатите 24 часа се регистрирани 30 нови случаи позитивни на коронавирусот во државава, и тоа 12 во Скопје, осум во Куманово, девет во Прилеп и еден во Крива Паланка, со што вкупната бројка на дијагностицирани изнесува 384 лица, соопшти Министерството за здравство.
Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во Скопје – 195, Куманово – 62, Дебар – 47, Штип – 15, Прилеп – 21, Тетово -13, Струга – 9, Велес – 6, Битола – 4, Охрид – 3, Кавадарци – 2, Гостивар – 1, Гевгелија – 2, Струмица – 1, Крива Паланка – 2 и Кочани – 1 случај.
*
Државата ќе го плаќа лекувањето на сите заболени со КОВИД-19, рече директорот на Фондот за зрравствено осигурување.
„Фондот за здравствено осигурување го има предвидено проблемот со здравственото осигурување на невработените и на лицата кои се отпуштаат, и е предложено решение до Владата во кое сите лица без оглед на нивниот статус, односно доколку се дијагностицирани од КОВИД-19 целиот третман паѓа на товар на ФЗОМ“, истакна директорот на Фондот Ден Дончев утрово во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, одговорајжи на прашање каква е покриеноста со здравствено осигурување на невработените, лицата отпуштени поради економската криза од пандемијата и лицата кои се издржуваат преку неформалната економија.
Во однос на лековите што се користат за третман за коронавирусот, Дончев рече дека Министерството за здравство, за да ги заштити пациентите, дозволило потпишување и издавање на товар на Фондот додека траат мерките.
*
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски денеска демантираше дека имал контакт со некој од вработените во ПЗО „Ортомедика“ во Прилеп, каде има потврдено позитивен случај на КОВИД-19, откако такви информации се појавија на социјалните мрежи. Јовановски таквите информации ги оцени како шпекулации.
*
„Во услови на криза и епидемија покажавме дека институциите можат извонредно да брзо и квалитетно да соработуваат и да ги решат проблемите. Нешто што многу често граѓаните го замерувале и сметале дека е слабост на нашата држава“, изјави вицепремиерката и минстерка за одбрана Радмила Шекеринска, по посетата на мобилната болница во Клинчки центар Скопје.
*
Мобилната болница поставена во близина на Универзитетската Клиника за инфективни болести е подготвена да прими пациенти со коронавирус. Во неа, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, ќе има 130 кревети.
Во нејзиното поставување, што траеше неполни седум дена, беа вклучени Град Скопје, Министерството за здравство и Министерството за одбрана.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Министерот за надворешни работи Никола Димитров на покана на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска ќе учествува на состанокот на Северноатлантскиот совет (НАК) во формат на шефови на дипломатии, што ќе биде прво учество на Република Северна Македонија на едно заседание на Алијансата како полноправна земја членка на Северноатлантскиот пакт.
По официјалното зачленување на земјава во НАТО на 27 март 2020 година и по церемониите на подигање на македонското знаме во седиштето и воените команди на НАТО, претстојниот состанок е прв работен настан на министерот Димитров каде активно ќе учествува во дискусијата по приоритетните прашања и активности на Алијансата, се наведува во соопштението.
*
Владата очекува дека банките во земјава ќе бидат солидарни во овој момент не гледајќи го само својот интерес и профит. Според премиерот Оливер Спасовски, доколку не сакаат да бидат солидарни, тогаш уредба со законска сила може во секој момент да биде донесена и да дефинираат што треба да направат во банкарскиот систем.
*
На социјалните мрежи утрово протече видео на кое се гледа како две момчиња физички напаѓаат девојче и ја прашуваат дали е бремена, по што Министерството за внатрешни работи ги уапси и презема понатамошни мерки.
По бурните реакции на јавноста на социјалните мрежи, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на неговиот Фејсбук профил напиша дека Секторот за внатрешни работи – Штип преземал мерки за случајот.
*
Холандија ќе даде поддршка за Северна Македонија преку набавка на тестови за коронавирус базирани на нуклеарна технологија кои се развиени од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и Светската здравствена организација.
*
„ЕВН Македонија“ соопшти дека донирала 200.000 евра на Министерството за здравство за набавка на медицинска опрема и материјали за потребите на јавниот здравствен систем за справување со Ковид 19, а исто така го донирала приклучокот за електрична енергија во вредност од 10.000 евра за мобилната (полска) болница, што е подигната во рамки на Клиничкиот центар во Скопје.
*
Фондацијата Отворено општество – Македонија обезбеди донација од 100.000 долари за ромските семејства кои се социјално и економски најдиректно засегнати од здравствената криза.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Во целата лавина од информации и контрасовети за мерките на Владата – поголем дел од нив добронамерни, помал дел класично мрчаторски – една пријателка беше доволно љубезна да ме замоли да прашам нешто јавно: дали во кратењето на платите за сите актуелни избрани и именувани функционери во наредните два месеци, спаѓаат и редовните буџетски примања на двата поранешни, живи и здрави претседатели, нашите Црвенковски и Иванов?“, пишува Сашо Орданоски во својата колумна „Како да се „потроши“ Филипче“.
Дехран Муратов
Во соработка со: Ангела Петровска, Биљана Јордановска, Диана Тахири, Маја Ивановска