ВЕСТ НА ДЕНОТ: 85 ЧАСОВНА ЗАБРАНА ЗА ДВИЖЕЊЕ ЗА ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ПРАЗНИЦИ
Владата на денешната седница донесе одлука за ограничувањата на движењето за период којшто ни претстои, вклучително и велигденските празници.
За време на викендот, вклучително и понеделник, од петок 17 април во 16 часот, до вторник 21 април во 05 часот, се забранува движењето за сите граѓани.
Останува активна забраната за движење за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден.
Дополнително, од четврток (16 април) 16 часот, до вторник (21 април) 05 часот, се забранува движење на сите излетнички места, паркови и шуми низ целата држава.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
ФИЛИПЧЕ: Скрининг на населението во Дебар за да се процени стекнатиот имунитет на корона вирусот
Со скрининг на населението во Дебар, каде веќе десетина дена нема нови заболени од КОВИД-19, ќе се проценува имунитетот, за да се добијат насоки што може да се очекува со пандемијата во целата држава. Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека со дел од донацијата од 20.000 тестови ќе се направи анализа на создадените антитела кај жителите на Дебар.
Филипче нагласи дека заболените жители на Дебар се на добар пат да оздрават, а во градот нема новозаболени поради преземените рестриктивни мерки.
ВОНРЕДНА СОСТОЈБА, ДЕН 26
Во изминатите 24 часа се дијагностицирани 26 нови случаи на Ковид-19. По градови: Скопје -4, Куманово – 11, Прилеп – 3, Тетово -4, Велес – 2, Кочани -1 и Пробиштип -1.
*
Министерството за здравство информира дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа 4 пациенти; пациентка од Скопје (79г), пациент од Велес (58г), пациент од Прилеп (67г) и уште еден пациент од Скопје (63г).
*
Денеска во Штип се регистрирани 3 оздравени пациенти од Ковид-19, кои со лесна форма на болеста се лекуваа во домашни услови.
*
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, објави дека апликацијата „Стоп корона“ е достапна за преземање на мобилните телефони. Како што кажа Манчевски станува збор за софтвер кој овозможува детекција на контактите на заболените лица во близина и до два метри.
„Апликацијата дава брз одговор на здравствените експерти со кои лица бил заразениот во близина во последните 14 дена, помага да се информираат потенцијално инфицираните лица, за да им се дадат насоки за самоизолација, тестирање или лекување“, рече Манчевски, додавајќи дека за да биде успешен проектот апликацијата треба да биде колку што е можно помасовно искористена.
*
Премиерот Оливер Спасовски денеска имаше средба со амбасадорот на Чешката Република во нашата земја, Мирослав Томан, на која лично и во име на Владата и граѓаните му се заблагодари за донацијата од еден милион хируршки маски од Чешка, која во земјава пристигна во петокот.
*
Финансиската поддршка за компаниите, невработеност, кредитирање и дозволи за движење во полициски час се најчесто поставуваните прашања во контакт центарот за економски мерки на Владата, каде неделава имало 1.579 јавувања.
*
Домашната, како и останатите економии и натаму регистрираат штети од кризата со Ковид 19, а Министерството за финансии веќе изработува нови проекции за економскиот раст, кој според Светската банка и финансиските експерти годинава во државава ќе се намали за околу четири проценти. Владата тврди дека презема мерка за внесување пари во стопанството, но според опозицијата и стопанствениците досегашните мерки се недоволни и потребна е поголема финансиска инјекција.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Народната банка очекува поголемо отстапување на нејзините октомвриска проекции за растот на економијата, како резултат на појавата на коронавирусот, кој како неочекуван надворешен шок, се очекува да се одрази во повеќе сегменти од економијата. Ова е оценка од денешната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, и покрај стабилните текови во економијата во првиот квартал.
*
Бензините поскапуваат за половина денар, цената на дизелот останува иста, а за половина денар поевтинува екстра лесното масло за домаќинствата од ноќеска на полноќ, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Според одлуката на РКЕ, новата малопродажна цена ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 48,50 денари за литар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 50,50 денари.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Муратов: Шарената револуција е борба за правда и еднаквост
СЛОБОДНА ЗОНА
За политизирањето на дарежливоста, Сашо Орданоски во денешната колумна пишува: „ Кога е некој во неволjа – а (кинескава) вирусна пандемија е со глобални катастрофални размери – не гледа многу во „забите“ на „подарениот коњ“. Но, не треба да се заборави дека во меѓународните односи не постојат такви работи како „бесплатни ручеци“, „евтини кредити“, „големи донации“… Цената, обично, е вклучена во „пакувањето“ што се испорачува подоцна“.
„ Вирусот е измислен, се воведе полициски час речиси во целиот свет, за луѓето да останат дома и да не ја видат вистината дека македонштината се уништува преку издавање македонски државјанства и лични карти на мигрантите, кои предавниците како мене ги нарекуваат и бегалци од војната. Вирусот е измислен само и само да не се врати БМБРО-Негативна на власт, да се задржи на власт предавничката хунта. И Борис Џонсон се разболе, принцези и принцови, премиери и ѕвезди, само да се замачкаат очите на светот пред големата неправда против фактите и вистината“, пишува Џабир Дерала во денешниот рафал – Вистината е откриена, пандемијата е антимакедонски заговор.
Маја Ивановска
во соработка со Дехран Муратов