Со магијата на своите раце, со огнот, наковалната и чеканот во исчадената работилница со зачувани автентични контури низ децениите, во т.н. улица на бочварите во старата чаршија во Прилеп, последниот ковач Зоран Михајловски (48) гордо и достоинствено ја кова својата среќа.
Оваа фотографија е објавена во книгата „Старите занаети во Прилеп“, чија авторка е Моника Талеска (издание на ЈОУ ГБ „Борка Талески“-Прилеп). Приказната за ковачот е една од 36-те публикувани стории за хероите на новото време, за животот на еснафите, занаетчиите кои го негуваат духот на чаршијата – срцето на еснафски Прилеп.