Миленко Неделковски не престанува да сее омраза и да шири национална, верска и расна омраза. Неговото дивеење во медиумскиот и јавниот простор трае веќе со години и постојано поминува неказнето. Во нормални околности, тој би се соочил со сериозни законски санкции, кои подразбираат и законски казни.
Најновиот „проблесок“ на овој ноторен мразач се неговите објави на Фејсбук во кои изразува злорадост, ситење и говор на омразата по информацијата дека пратеникот Мухамед Зеќири и неговите најблиски се позитивни на Ковид-19.
„Најнова информација: Муки позитивен на Ковид19. Ај па со Господ напред“, напиша Неделковски на 31 мај.
Неговиот пост го лајкуваат и споделуваат голем број негови истомисленици, а еден дел од нив, во коментарите, не се воздржуваат од говорот на омразата, следејќи го примерот на Неделковски.
Малку подоцна, истиот ден, Неделковски се „надополнува“ со зборовите: „Уште понова вест: и жена му и детето му се позитивни“.
Поттикнати и од овој пост, неговите истомисленици се придружуваат кон говорот на омразата, овој пат насочени и кон сопругата и малото дете на пратеникот Зеќири.
Неделковски е познат во јавноста и по тоа што беше осуден на затворска казна и за измама пред повеќе од 15 години, кога лажно им ветуваше иселенички визи на своите жртви. Во моментов, должи големи суми на пари за отштета во споровите што ги изгуби, а во кои беше тужен за навреда и клевета. Иако упатените укажуваат на тоа дека има пари и имот, ништо од тоа не е на негово име, така што оштетените странки во судските спорови не можат да си ги наплатат, ниту трошоците, ниту отштетата што е досудена.
Џ. Дерала