КОВИД-19 Од вкупно 885 извршени тестирања во изминатите 24 часа, регистрирани се 76 лица позитивни на КОВИД-19, додека во исто време оздравеле 26 пациенти, информира вечерва Министерството за здравство. Од новорегистрираните случаи 52 се од Скопје, 14 од Тетово, по двајца од Куманово, Велес и Гостивар и по еден од Штип, Кочани, Пробиштип и Кратово. Во ГОБ „8 септември“ почина пациентка од Струга (56) примена во болницата на 21 мај.
МЕРКИ Владата на денешната седница усвои Протокол за превентивни мерки за сите работни места за спречување на пренесувањето на КОВИД-19, што ќе важат за сите работни места и за сите лица на работното место, како што се работодавците, раководителите, работниците, договарачите, клиентите и посетителите.
РЕСТРИКЦИИ Комисијата за заразни болести најдоцна до утре ќе одлучи дали ќе предложи враќање на рестриктивните мерки за време на продолжениот викенд, пред христијанскиот празник Духовден.
ЕКОНОМИЈА Сите пари за нормално функционирање до крајот на годината се обезбедени, во смисла на плати, на пензии, на други трансфери. Не можеме целосно да процениме што ќе се случи до декември, но очекуваме дека сите аспекти ќе се подобрат, и здравството и економијата, еве во мај имаме зголемен прилив во буџетот за разлика од април. Ќе имаме дополнителни економски раздвижувања, не ги прекинавме капиталните инвестиции, правиме сè да ја одржуваме државата економски активна, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски.
ИЗБОРИ Изборите мора да се одржат врз основа на законските прописи и врз основа на владината уредба. Таа уредба ги прекина активностите околу изборите. Така што, кога ќе заврши вонредната состојба, роковите за избори ќе продолжат и остануваат уште 22 дена, а тоа се поклопува со 5 јули како можен датум. Затоа, ако ги следиме овие факти тогаш датумот за избори е јасен. Нам ни треба функционална држава и ако нема избори ќе нема ништо, изјави премиерот Оливер Спасовски. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи смета дека нема друг датум освен 5 јули за одржување на предвремените парламентарни избори, посочувајќи дека такви се роковите и законски и логични.