„Утре ќе бидат префрлени 28-те милиони евра средства за домашните платежни картички кон банките, а веќе од утре и се очекува да се издадат првите домашни платежни картички“ најави министерката за финансии Нина Ангеловска во гостување за „Само вистина“ и посочи дека банките веќе по смс ги информираат граѓаните чии картички се изработени.
„Секоја банка со различен интензитет на издавање и дистрибуција, бидејќи секоја банка има различна обврска колку картички ќе издаде. Најголемите три банки ќе издадат околу 85% од сите картички и тие се навистина добро организирани. Издавањето ќе започне од оваа недела од утре, клиентите се информираат и им стигаат смс пораки од страна на банките, а најдоцниот рок поставен во уредбата за издавање на картичките е 18 јули. Доделувањето на картичките ќе биде дел утре, дел од наредната недела и понатаму етапно. Користењето на средствата е до 15 август“, рече Ангеловска.
Издавачи на Домашната платежна картичка се НЛБ Тутунска Банка, Стопанска Банка-Скопје, Комерцијална Банка, Халк Банка, Шпаркасе Банка, Охридска Банка, УНИ Банка, Централна Кооперативна Банка и Силк Роуд Банка. Вкупно 324.479 корисници се евидентирани како корисници на домашната платежна картичка.