„Денеска се навршуваат две години од потпишување на Договорот од Преспа. Со нашиот сосед Грција постигнавме решение за речиси тридецениското отворено прашање и се поставија основите за нашата подобра и посакувана иднина уште од независноста на земјата“, напиша Оливер Спасовски на Фејсбук.
Се соочивме со најголемиот проблем, за многумина нерешлив, се вложивме целосно и мислејќи на идните генерации, пред две години покажавме дека чудата се возможни. Зборовите на медијаторот, Метју Нимиц, „по Преспа никој не може да спори дека во Северна Македонија живеат Македонци, кои говорат македонски јазик”, се најдобар доказ за исполнувањето на нашата мисија, порача шефот на дипломатијата Никола Димитров во изјава за МИА по повод две годишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор.
„Го избравме правиот пат, што за само две години ни го донесе членството во НАТО и пристапните преговори со ЕУ. Конечно се ослободивме од навредливата придавка „бивша” или „поранешна” и го финализиравме процесот и државната лична карта во светското семејство на ОН“, вели Димитров.











