Иницијативата за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ испрати писмо до Делегација на ЕУ во Скопје и дипломатските претставништва во Скопје, а во врска со политичкото и физичко насилство врз членовите на Иницијативниот одбор.
Иницјативниот одбор реагира откако поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Дамчевска Илиевска добила закани и навреди од две лица кои ги пријавила во полиција., при што МВР приведе двајца челнови на ВМРО-ДПМНЕ од Бутел.
„Во име на Иницијативата за свикување вонреден Конгрес, сакам да ја изразам нашата загриженост од се поголемото вербалното и физичко, политички мотивирано насилство со кое се соочуваат членовите на Иницијативниот одбор, кои јавно побараа оставка од Христијан Мицкоски.
Изминатите неколку дена откатко Иницијативната се официјализира, сите членови сме мета на вакви напади. Личната дискредитација и говорот на омраза стана најмало очекувано зло. Кај некои од нас, освен вербално, насилници се дрзнаа и физички да малтретираат. Во текот на вчерашниот ден, поранешниот пратеник и сегашен поддржувач на идејата за вонреден конгрес, Весна Дамчевска Илиевска пријави во полиција закани и тормозење со цел заплашување и повлекување од иницијативата…
За жал, во текот на вчерашниот ден, во изјава за медиумите, раководството на нашата партија ниту се огради, ниту го осуди физичкото насилство. Напротив, го оценија како „монтажа и конструкција која што е дел од новопромовираната коалиција помеѓу иницијаторите и Зоран Заев“.
Сметаме дека со оваа изјава, раководството на Христијан Мицкоски не само што не се огради, туку индиректно мотивира политичко насилство со испраќање порака до насилниците дека партијата стои зад нив.
Друг елемент на загриженост е фактот што иако полицијата ги лоцира насилниците и има изјави од нив, раководството на Христијан Мицкоски испрати порака дека не верува во институциите во врска со овој случај. Дека ние сме во некаква спрега со власта и полицијата монтира случаи. Стравуваме дека сето ова свесно го прават со цел обесхрабрување на поддржувачите на иницијативата јавно да говорат.
Ве повикуваме да се заложите за осуда на политички мотивираното, вербално и физичко насилство, кое стана стандард на македонската политичка сцена кога членови на партии искажуваат став различен од оној на раководството“, стои меѓу другото во писмото на Борче Стамов во име на Иницијативниот одбор.