ВЕСТ НА ДЕНОТ – Прочистување на правосудството и отворени листи веќе на локалните избори
Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон. А, ние како Влада ќе бидеме партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата кој ќе им служи на граѓаните, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција по повод добиеното мандатно писмо од премиерот Зоран Заев.
Тој посочи дека правдата, заедно со економијата и евроинтеграциите, се врвни приоритети на Владата во овој втор мандат.
-Граѓаните бараат правда и очекуваат брза завршница на предметите во судовите, граѓаните бараат еднаквост пред законот. Транспарентно и одговорно судство и обвинителство се предуслови за нормално функционирање на владеењето на правото. Кога довербата на јавноста во правосудството е на ниско ниво, тоа значи дека граѓаните се скептични и не веруваат во одлуките на судовите, дека тие не обезбедиле еднаквост пред законот. Не смее да има недопирливи пред законот и институциите, рече министерот за правда.
Најприоритетната задача, како што посочи, е да спроведеме длабоки и суштински реформи во правосудството, односно да започнеме процес на ефикасно и објективно прочистување на правосудството.
Паралелно на овој процес, како што најави Маричиќ, на почетокот на наредната година се очекува да започне ЕУ мониторингот на судските случаи од висок профил, околу 50 предмети годишно, во кој ќе учествуваат стручни лица од странство но и домашните експерти.
Маричиќ најави и измени во Изборниот законик со кој ќе се воведе принципот на отворени листи уште при следните локални избори.
ЦИВИЛ најостро ги осудува говорот на омразата, ширењето на етничката омраза и повиците на насилство кои навивачките групи ги промовираат континуирано и со години. Конкретно, повод за оваа остра осуда е најновиот инцидент со скандирањето на навивачката група „Комити“ низ центарот на Скопје на 13 септември 2020 година.
Институциите итно, решително и конечно да се справат и да ги санкционираат соодветно сите групи и поединци што шират омраза и повикуваат на насилство е повикот кој ЦИВИЛ континуирано го упатува со години наназад, без оглед на тоа од која страна доаѓа омразата.
ЦИВИЛ се залага за општество во кое владее слободата, еднаквоста и правдата, општество во кое граѓанките и граѓаните се чувствуваат безбедни и имаат доверба во институциите, каде што безбедноста, слободата на движењето и слободата на изразувањето се гарантираат со закон и со ефикасно функционирање на системот.
Општество во кое одредени групи постојано повикуваат и вршат насилство врз граѓаните, не може да биде здраво. Постојаните повици за екстремно насилство од одредени групи се последица од воспоставената неказнивост од минатата власт, но и неказнивоста што продолжи и по падот на режимот.
Радикалните структури во земјава непречено и неказниво шират омраза по етнички, верски и политички основи, како што е и вчерашниот случај со парадирањето на група навивачи придружено со националистички скандирања и говор на омраза кон Албанците.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Маричиќ: Отворени советнички листи на локалните избори следната година
– Знаете дека и од сегашното мнозинство и од СДСМ особено, имаше определба за воспоставување една изборна единици. Сепак ќе зависи дали тоа ќе се случи од волјата на останатите, бидејќи тоа е системска промена за која што треба да има консензус за да може да биде спроведена. Доколку сите партии или партиите со најмногу пратеници во собранието се согласат околу оваа реформа, секако дека ќе ја вградиме, изјави Маричиќ.
Доколку не се успее во тоа, Маричиќ изрази уверување дека е можно постигнување согласност на наредните локални избори во октомври да се овозможи еден степен повеќе на демократизација.
– Тоа е советничките листи да бидат отворени и да се гласа со преференцијални гласови. Тоа ќе биде еден чекор напред кон определбата што ја имавме пред овие парламентарни избори за сосема отворени кандидатски листи и за една изборна единица, изјави Маричиќ
ФЛЕШ ВЕСТИ
Собранието ги формираше работните тела- И покрај тоа што дневниот ред за седницата беше усвоен, во расправата по оваа точка пратениците од опозицијата повторно посочија дека се крши процедурата и оти се гласа за персонален состав пред Собранието претходно на парламентарна седница да донесе одлука за нивно основање и за дефинирање на надлежностите.
Тие истакнаа дека ваква одлука Собранието требало да донесе, бидејќи, како што посочија некои од комисиите би можеле да претрпат измена на број на членови или опфат и делокруг на работа, како на пример комисијата за здравство која би можело да има поголем број членови со оглед на ситуацијата со пандемијата.
Граничен премин- Потпишан е договорот за отварање на граничниот премин Лојане-Миротовац, но инфраструктурните активности се одложени заради Ковид 19, па наредната билатерална средба со Србија ќе се искористи за да се зборува и на оваа тема, изјави денеска премиерот Зоран Заев, денеска во кумановско, одговарајќи на новинарско прашање кога се очекува отварање на граничниот премин Лојане-Миратовац.
Осуда за навивачите – Владата денеска на седница донесе заклучок со кој најостро го осудува навивачкото поведение на навивачка група со кое, како што посочува, се предизвикува омраза, раздор и нетрпеливост врз етничка основа. Во исто време, од Јавното обвинителство бара да делува во рамки на своите надлежности и да постапи во врска со овој случај.
Роаминг – Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ги донесе потребните прописи за домашните оператори кои треба да бидат дел од идната регулација за роаминг услугите помеѓу земјите од Западен Балкан што треба да се применуваат од 1 јули следната година од кога цените за разговори и користење податоци помеѓу шесте држави целосно ќе се укинат.
СЛОБОДНА ЗОНА
Политичари и кандидати цел на потсмев, навреди, клевети и говор на омраза на социјалните мрежи, тоа е главната тема на осмото продолжение на анализата Наместо со фокус на понудата за граѓаните – медиумите со рефлексија на кампањите доминирани од црна пропаганда, дезинформации, клевети, навреди и омраза од медиумскиот експерт Петрит Сарачини.
„Веројатно најнапаѓаната личност на социјалните мрежи во оваа кампања беше лидерот на социјалдемократите, Заев. Од бројните примери на напади кои ги надминуваат базичните стандарди на јавна комуникација ќе издвоиме само неколку. Додека траеше последниот ТВ дуел помеѓу претседателите на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, Заев и Мицкоски, на Фејсбук профилот на Мицкоски дуелот се пренесуваше во живо и имаше над 2.500 коментари, дел од кои содржеа говор на омраза и повици за линч кон лидерот на СДСМ“, пишува Сарачини.