„Театар“, „Евтин Пи-Ар“, „Потценување на интелегенцијата на граѓаните“, „Така треба, сите се еднакви пред законот“… се само дел од коментарите на социјалните мрежи по веста дека Министерството за внатрешни работи ги казни премиерот Зоран Заев и министрите Фенко Филипче и Љупчо Николовски за сообраќаен прекршок, односно за неносење заштитна кацига додека возеле мотор.
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски во изјава за ЦИВИЛ Медиа вели дека на народот не може никогаш да му се удоволи и додава дека не се работи за никаква пропаганда туку законот мора да важи поденакво за сите.
„МВР им поднесе пријави на Заев, Филипче и Николовски и граѓаните веднаш почнаа да коментираат дека тоа е Пи-Ар, а доколку не ги казневме ќе збореа дека има селективна правда и дека функционерите не се казнуваат, туку само обичниот народ“, истакна Ангеловски.
Тој нагласи дека ова не е прва казна за функционери од власта.
„Министерството за внатрешни работи пред точно една година му изрече прекршочна пријава на тогашниот вицепремиер Бујар Османи, бидејќи додека возел автомобил разговарал на телефон и поминал преку полна линија“, вели Ангеловски.
Инаку, Османи казната ја заработил додека проверувал дали таблите на сите државни институции се двојазични, а видеото го објавил на својот Фејсбук профил.
Дехран Муратов












