Првата македонска компанија лиценцирана за одгледување канабис за медицински цели „НЈСК Холдинг“ денеска го отвори производствениот капацитет за кој инвестираше над 16 милиони евра.
Новата фабрика се протега на површина од 17.800 метри квадратни во индустриската зона Ќојлија во Општина Петровец.
https://www.facebook.com/MediumskaInformativnaAgencija/videos/2704874656435311
Новиот производствен погон располага со најсовремена опрема за хемиско физичка и микробиолошка лабораторија за која се инвестирани над еден милион евра.
Ова што денеска го отвараме е најголем капацитет во Европа за одглеување на медицински канабис, изјави Златко Кескоски, извршен директор на компанијата ,,НЈСК Холдинг”.
– Во време на криза ги вложивме последните средства за да го направиме овој капацитет. Вложивме 20 милиони евра за најквалитетен производ од нашата држава – изјави Кескоски.
Кескоски додаде дека производот кој се добива од оваа компанија веќе е по највисок европски и светски стандард.
-Нашата компанија е на највисоки светски и европски стандарди и нашиот производ веќе е рангиран највисоко на европските и светски стандарди – додаде Кескоски.
И министерот за здравство Венко Филипче се обрати на отворањето на фабриката и истакна дека медицинскиот канабис е значаен дел од напредокот во медицината.
– Ова е сегмент кој има големо значење во здравството, а се повеќе студии покажуваат дека канабисот помага во медицински цели. Ова е поле кое има голема иднина и отвара можност за нови работни места, а нашиот закон за опојни дроги веќе се менува и младите можат да гледат иднина во овој сектор –изјави Венко Филипче.
По него свое обраќање имаше и премиерот на РСМ, Зоран Заев, со најава за нови вработувања во овој сектор.
– Упатувам искрени честитки за отворањето на овој нов капацитет. Во овие услови на пандемија ваквите сериозни инвестиции влеваат сигурност и отвараат нови работни места. ,,НЈСК Холдинг” извезува производи до сите континенти во светот. Потребно е да се насочиме кон производство на производи со висока додадена дејност и да фатиме чекор со светските трендовите. Секоја криза е можност за нов почеток, а наша задача е да создадеме услови за инвестиции, додека претпријатијата треба тоа да го искористат. Ние сме за тоа оваа гранка да се равива по европските и светски стандарди. Верувам дека и парламентот е подготвен за такви измени и ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели. Ако тоа се случи очекуваме отворање на илјадници нови места и извоз на 250.000 производи од канабис – изјави Заев.