Порталите блиски до опозицијата селективно ги пренесоа изјавите на лидерот на ВМРО – Народна партија, Љубчо Георгиевски, за бугарската агенција БГНЕС и го обвинија за предавство. Георгиевски одговараше на повеќе прашања, изнесувајќи ги истите ставови, кои ги имал и низ текот на годините.
Георгиевски во интервјуто за бугарската агенција БГНЕС, истакна дека „длабоката држава“ во Македонија ги нарушува односите меѓу Македонија и Бугарија, и дека гради омраза и непријателство кон Бугарија, која вклучува професори, новинари, вработени во службите за национална безбедност.
Георгиевски вели дека од страна на Софија никој не зборувал за промена на Устав или договорот, туку дека она на кое се инсистира е почитување на договорите и на она што досега договорено.
„Навистина не знам зошто таа пропаганда тргна во Македонија, дека сега поради бугарскиот притисок треба да менуваме Устав или да додаваме нови посебни гаранции, такви работи очигледно во овој момент јас не чув од никој дека постои. Секој чувствува дека секој на секого нешто зема, и се создава атмосфера за оние кои се непријателски настроени, да создаваат нови приказни и напади, и точно поради тоа имам чувство дека мојата улога од една страна да направам еден обид работите да се стоплат, а не да се заоструваат“, истакна Георгиевски.
Според него, ќе биде многу лошо ако се дојде до ситуација Бугарија да стави вето во декември на патот на Македонија кон ЕУ.
Георгиевски вели дека Македонија во последните 30 години има многу малку направено во однос на приближување со Бугарија, вклучително од економски, културни или историски проблеми.
Во интервјуто Георгиевски истакнува дека треба да им се признаат заслугите на Зоран Заев поради неговата желба за пријателство со Бугарија, Заев и Бојко Борисов треба да изнајдат решение со кое ќе се тргне кон историско доближување.
Георгиевски беше во посета на Софија, каде разговараше со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.
А. П.