Градоначалниците на Центар и Град Скопје, Саша Богдановиќ и Петре Шилегов, како и претставници од Сојузот на извидници на РСМ на денешната прес конференција го најавија почетокот на реконструкцијата на објектот на поранешната Управа за водење матични книги (Матично), и ќе биде отворен првиот Младински центар во државата за промоција и афирмација на младинската мрежа.
Градочалникот Богдановиќ истакна дека овој проект немало да биде возможен без поддршката од Програмата за развој на Обединетите нации – UNDP и Швајцарската агенција за развој и соработка, каде со финансиски грант во износ од 50.000 швајцарски франци ќе бидат реализирани вкупно три проекти.
„Отворањето на Младинскиот центар е еден од предлог проектите кои влегоа во финалната селекција во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети”, како дел од форумските сесии кои се одржаа мината година во соработка со граѓаните. Општина Центар ќе кофинансира со 83% од вкупниот износ за реконструкција на објектот, а УНДП со вкупен износ од 1.173.208,00 денари во форма на донација.
Креирањето на еден ваков одржлив и инклузивен центар за младите, ќе претставува сервисен центар и нов мултифункционален простор за реализација на разни едукативни активности за младинските и извидничките организации, како и неформалните групи на млади лица“, вели Богдановиќ.
„Овој проект на Општина Центар е она што всушност ние и го разговаравме со младите во текот на нашите кампањи пред три години, а тоа е дека дел од потенцијалите што ги имаат општините на своите територии ќе ги ставиме во служба на младинските организации, за да го подобриме младинското здружување и да направиме место каде што формалните и неформалните организации на младите ќе имаат свое престојувалиште и седиште и ќе може непречено да ги извршуваат своите активности. Објектот каде што денеска се наоѓаме, објектот на „Матично“, за многу кратко време ќе има сосема нов изглед и структура. Очекувам дека младинските организации од општината Центар ќе го препознаат ова катче како свое. Ги охрабрувам и другите градоначалници на територијата на Скопје да го следат овој пример и во рамките на своите можности да обезбедат по еден ваков капацитет за да се подобри младинското организирање’, изјави Шилегов.
Од Град Скопје додаваат дека ги поддржуваат младите луѓе во Скопје, не само преку Младинскиот културен центар и другите културни институции во надлежност на градот, туку и преку многубројните конкурси за стипендии на талентирани ученици, млади спортисти и уметници кои вложуваат многу и претставуваат вистинска гордост.