По цела недела протести со блокирање на улици во речиси сите градови во земјава, ВМРО и денеска протестираа со автомобили и во групи, пеш, во центарот на Скопје.
Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски со обраќање пред протестантите пред Влада, го обвини премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев за велепредавство осврнувајќи се на преговорите со Бугарија и изјавите на Заев во интервјуто за бугарската БГНЕС.
– Од изјавите на историската Комисија дознавме дека бугарската страна кажува дека за придавката македонски се разговара на повисоко ниво. Тоа значи дека Заев тргува. Заев лажеше и кога се коленеше во најмилото. Денес повтороно лаже, а историската Комисија го демантира. Полека она што не било проблем, станува проблем. Полека, но сигурно дебатираме и го губиме нашето наследство. Поминаа 10 дена и не се повлече од скандалозното интервју. Поразите ќе ги прикажува како штитење на идентитетот. Па да бидеме задоволни и среќни ако некој бугарски политчар потшепне Македонци. Заев вели дека е Македонец кој зборува македонски јазик. Ама не кажува дека всушност мисли за после 44та година. Позади се ова стои интерес. Еве јавно во повикувам Централниот регистар да каже дали акциите на рудникот Иловица се продадени на бугарски инвеститор. Треба да се случи народ за да Заев престане да продава. Тоа е единствениот начин да го победиме, рече Мицкоски.
Тој испрати порака и до меѓународната заедница и бугарските политичари, дека никогаш нема да прифатат ултиматум, а домашните дипломати ги нарече „домат-дипломати“.
„Втората порака е до политичарите кај нашиот источен сосед. Залудно преговарате со овие домат-дипломати. Не постои такви парче хартија кое ќе го почитува идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, владата на национално единство. Никогаш нема да прифатиме таков ултиматиум. Последната моја порака е до нашите пријатели, нашите сојузници во Брисел, во Париз, во Берлин, во Виена, во земјите членки на ЕУ минус една. Вам не ви треба домат дипломати кои што го распродаваат тоа кое што со крв го платиле нашите дедовци. За да можат тука да го пљачкосуваат својот народ, таму коленичат и се веднат. Затоа, кога ќе дојде денот, сите ќе одговараат. Од прв до последен, која за криминал кој, за велепредавство, а кој и за двете работи“, порача Мицкоски.