„Главниот предизвик што ги одбележа првите 100 дена од работата на оваа Влада, беше справувањето со светската пандемија со КОВИД-19. Го реорганизиравме раководењето со државата со единствена цел – да ги ставиме сите ресурси во заштита на здравјето на сите наши граѓани. Обезбедивме целосна посветеност на сите сектори за успешно надминување на проблемите кои пандемијата ги носи со себе“, рече премиерот Зоран Заев во отчетот за сработеното.
Заев истакна дека министерството за здравство аплицираше за набавка на вакцини за КОВИД-19 преку КОВАКС механизмот кој обезбедува глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефективни вакцини, потврдени и регулирани од Светската здравствена организација.
„Со цел да гарантираме полесен и побрз пристап за сите граѓани до тестови за КОВИД-19, постојано го зголемуваме бројот на тестирања. Набавивме брзи тестови за здравствените установи. Дополнително, го зголемивме бројот на болничките капацитети за лекување на пациенти со коронавирус. Пуштени се во употреба новите амбуланти на Клиниката за пулмологија и алергологија. Новиот крак од струмичката болница се пренамени како КОВИД центар. Опремен е и снабден со болнички кревети, со централен довод на кислород. Има капацитет од 100-тина кревети и ставен е во функција“, изјави Заев.
„Грижата за здравјето подеднакво ја фокусираме и на другите приоритети. После 30 години надвор од употреба, го пуштивме во работа целосно реновираниот интерен оддел за женски болести во болницата во Кавадарци. Реновиран е Центарот за дијабетес при Клиниката за ендокринологија. Комплетно се реновирани 5 дијабетолошки амбуланти и направена е посебна амбуланта за преглед на итни пациенти. Целосно е реновиран третиот кат во старата градска болница, а Општата болница во Гостивар го реновираше хируршкото одделение со што ги зголеми болничките капацитети“, истакна Заев.
Ставени се во план на готовност и сите приватни здравствени капацитети, додаде Заев, како и просторни и во функција се здравствените работници.
„Паралелно со спроведувањето на здравствената стратегија се работеше и се подготви четвртиот пакет економски мерки со цел одржливост на економијата, спас на работните места и грижа за никој да не биде изоставен“, вели премиерот.
Тој додаде дека досега активирале политики и мерки за рестарт на домашната економија и за забрзан економски раст, цели кои ги поставиле да бидат најважни во Програмата за работа на Владата за мандатот 2020-2024 година.
„Главниот фокус при ребалансот на буџет за 2020 година беше на спроведување на антикризните економски мерки и на инвестирање во човечкиот капитал, односно образованието, здравството и социјалната заштита. Во инклузивен процес, со консултација на сите засегнати страни донесен е четвртиот пакет антикризни мерки во износ од 460 милиони евра. Заедно со вкупната вредност на претходните три пакети од 550 милиони евра, тоа значи дека околу 1 милијарда евра се насочени повторно кон граѓаните и стопанството, за да обезбедиме стабилна одржливост на економијата со потенцијал за ревитализација. Обезбедивме поддршка за исплата на плати за последниот квартал од годината. Заедно со дополнувањето на овој пакет со нови 8 милиони евра во пакетот 4 – КОВИД-екстра ќе бидат поддржани близу 90.000 работни места на нашите сограѓани, на месечно ниво, односно над 250.000 плати за последниот квартал“, додаде Заев.
Тој додаде дека на 283.000 граѓани деновиве им се испорачуваат директни плаќања во вредност од по 6.000 денари во вкупна вредност од 27,6 милиони евра – за пензионерите, самохраните родители и другите ранливи категории граѓани.
„Новиот пакет обезбеди нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка на Северна Македонија, како и грантови за туристичкиот сектор, за компаниите од услужните дејности и за организирање настани како свадби и слични, за самостојните вршители на дејности, занаетчиите и за многу други категории дејности. Во првите 100 дена од работењето на оваа Влада, се потпишаа нови договори со 39 компании и 10 анекси на договори со вкупен инвестициски циклус од 56 милиони евра. Обработени и подготвени се за исплата барања до 150 компании коишто претходните години имаат потпишано договори за поддршка на инвестиции во износ од околу 25 милиони евра. Околу 400 домашни компании кои токму во КОВИД кризата започнаа инвестиции вредни 100 милиони евра, ги поддржавме со 17,3 милиони евра директна буџетска поддршка“, истакна Заев.
Во услови на здравствено-економска криза предизвикана од КОВИД-19, покрај справување на ефектите од пандемијата, вели премиерот, Владата и економските ресори прават максимални заложби и ја следат состојбата, односно следиме во што најмногу се вложува во светот. И на тоа се базира и ќе се базира новата македонска економија.
„Енергетиката и енергетската ефикасност, заедно со дигитализацијата и сите други високи современи технологии се иднината на развојот. Имаме одлука која ја реализираме – постепено преминуваме кон извори на чиста енергија преку примената на еколошките извори на енергија – водата, сонцето и ветерот, со цел постепено исфрлање од употреба на јагленот како извор на енергија. Ние мораме да фатиме чекор со трендовите за да имаме економски напредок. Донесовме одлука и за формирање тимови за преговори и преговорите се во тек, за наши државни инвестиции, во терминалот на течен гас, природен гас и за гасна централа во Александропулос, Грција. Оваа иницијатива, заедно со интерконекторот за природен гас меѓу двете земји, ќе обезбеди трајно и сигурно снабдување со гас за македонската гасоводна мрежа чија подготовка за градба е во напредна фаза. Заедно со надградбата на постојниот нафтовод, креираме систем кој ја прави Северна Македонија дистрибутивен центар за висококвалитетни горива на Западен Балкан“, истакна Заев.
Во моментот се подготвуваат плански документации за интерконекторот со Косово и интерконекторот со Бугарија, а почнаа подготовките и за вториот интерконектор со Република Бугарија.
„Напредокот во примарната гасоводна инфраструктура го прави многу блиску гасот до индустријата и граѓаните. Во тек е утврдување на условите за операторите кои покажаа интерес и ја поминаа првата фаза за изградба на секундарна мрежа за пренос и приклучок по ниски цени, достапни за граѓаните и стимулирачки за индустријата. Како резултат на стимулирање на политиките за чиста енергија, во овие 100 дена, е отворена и првата најсовремена фотонапонска централа на „ЕВН Македонија“ во Неготинско – Војшанци. Се поставуваат нови 62,5 мегавати фотоволтаици, коишто се во фаза на изградба, по пат на јавно-приватно партнерство, а успешно е завршен првиот дел од постапка за инсталација на 100 мегаватна фотонапонска електрана во Осломеј, каде државата очекува најмалку со 10% за ресурсите кои ги нуди“, додаде Заев.












