„Транспарентноста и отчетноста се основата на борбата против корупцијата и криминалот. Институциите мора да покажат ред и дисциплина, бидејќи граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари“, истакна Љупчо Николовски, вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, на својот Фејсбук профил.
Тој на денешната конференција „Бизнис без корупција“ ги презентираше идните активности на Владата на РСМ за спречување корупција во државниот и во бизнис секторот.
„Само со сузбивање на корупцијата ќе го поттикнеме економскиот развој, кој денес е силно потиснат од глобалната пандемија. Продолжуваме со активно спроведување на системските мерки на кои работевме целиот изминат период: Интероперабилност меѓу антикоруцписките институции – безбедна и ефикасна размена на податоци за предмети поврзани со корупција. Електронски систем за инспекција ‘Е-инспектор’ – намалување на субјективното влијание на инспекторот за време на надзорите. Платформа за евидентирање на издадени лиценци и дозволи кои би биле интегрирани во тековната состојба на фирмите, заедно со Централниот регистар. Воведување нов повикувачки (кол) центар – преку кој правните и физичките лица ќе можат да пријават ненавремно постапување на надлежните институции по однос на нивните поднесени барања“, истакна Николовски.
Тој потенцира дека битката против корупцијата се темели на меѓусебна комуникација, координација и размена на информации, додавајќи „заеднички, градиме функционален систем во интерес на сите граѓани“.
Д.М.