Министерот за надворешни работи, Бујар Османи како домаќин и организатор на најголемата меѓународна конференција што Северна Македонија некогаш ја има организирано, денеска за време на одржувањето на Преспа форум дијалог, во Охрид имаше прес-конференција, тематски посветена на овој настан.
Османи информираше дека денеска на едно место имаме претседатели на држави, премиери, повеќе од 20 министри, не само од регионот, туку од цела Европа и САД. Повеќе од 100 странски новинари кои го покриваат настанот, што зборува за важноста на истиот и во тој контекст нагласи дека ехото од Охрид и Преспа ќе одекне силно и далеку низ светот.
„Охрид не случајно е избран за место на одржување на овој настан, кој носи двојна симболика. Тука бевме пред 20 години, кога се потпиша историскиот Охридски рамковен договор, кој ги постави темелите и го отвори патот за следните два договора што дојдоа подоцна, Преспанскиот со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија. Ние изградивме ваква платформа врз основите на трите договори, впрочем тоа се темелите и трите пресвртници на нашиот пат кон градење на нашата модерна, демократска држава, а заедничкиот именител на трите договори е тоа што сите се постигнати преку дијалог. Токму тие ја презентираат нашата автентична приказна и служат како инспирација за воспоставување на дијалогот во Преспанскиот форум, како платформа за унапредување на помирувањето, градење, доверба и политички дијалог“, истакна Османи.
Министерот информираше дека на форумот ќе преовладуваат теми за дипломатијата за меѓународните односи, геополитичката реалност и современи предизвици, дека ќе се направи обид да се најде начин да се вметне делот што недостасува и да ја направиме Европа целосна, што впрочем е темата на оваа конференција, да се разговара за европското парче кое недостасува.
Османи нагласи дека Панелот за иднината на Европа е пионерски пробив за вклученоста на земјите од Западен Балкан во оваа конференција, кој заедно со Европската служба за надворешна и безбедносна политика и цивилното општество од регионот, но и од Германија го испраќаат гласот на регионот за овоj настан.
„Како што веќе посочив, ова е далеку најголемиот настан што сме го организирале, што претставуваше предизвик од секаков аспект: од оргaнизационо-технички, протоколарен, па се до политички предизвик, да се биде домаќин на највисоки гости од регионот, од Европа, па дури од САД. Тука ќе завршам и Ве повикувам да продолжиме да ги следиме содржините на оваа конференција, размената на мислења, на идеи, кои ќе донесат плодни заклучоци и кои ќе остават печат не само на земјава и на целиот регион“, заклучи Османи.












