Професионализацијата и интегритетот на државната администрација е од суштинско значење за спречување на појавите на корупција. Со самото членство во ЕУ корупцијата нема стопроцентно да се искорени, но затоа е важно јакнење на јавната свест дека со оваа појава е невозможно да се егзистира во едно општество. Непочитувањето на правилата на игра, односно кога не важат исто за сите, како и неказнивоста, ја намалуваат довербата на граѓаните во институциите и тие се чувствуваат обесправени. Високи ризици од појава на корупција се уште претставуваат политичкото влијание, (не)владеењето на правото, присуство на неказнивост, отсуство на интегритет, како личен, така и институционален, недоволната транспарентност, но и недоследности и недоречености во законската регулатива.
Ова се дел од заклучоците на деветтата сесија на тема „Што стои на патот во спроведувањето на антикорупциското законодавство?“ во рамки на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24). на Националната конвенција за ЕУ во С Македонија, во организација на Европското движење.
Директорот на Словачката асоцијација за надворешна политика (СФПА) Томаш Стражај истакна дека пристапувањето во ЕУ не е универзален лек за сите проблеми. Тој истакна дека борбата против корупцијата е особено важна област и за Словачка, која иако одбележува 17 години од членството во ЕУ, корупцијата во државата е се уште на високо ниво.
-Процесот на борба против корупцијата не е само важен за претпристапната фаза, туку е важен и за постпристапната фаза и тоа покажува колку е важен проектот на Националната конвенција затоа што на некој начин ова не смее да заврши со пристапувањето на С Македонија во ЕУ, туку ќе продолжи многу години понатаму затоа што проблемите од овој вид се уште ќе бидат актуелни, оцени Стражај.
Словачката експертка Зузана Петкова, директорка на непрофитната организација „Стоп Корупција“, Братислава, истакна дека оваа организација е една од најмоќните во борбата против корупцијата во Словачка. Посочи дека „свиркачите“ играат многу важна улога во борбата против корупцијата.
-Ние соработуваме со Владата во подготовка на законски решенија, ги заштитуваме „свиркачите“, даваме психолошка, финансиска и правна помош на истите, што е многу важна алатка во борбата против корупцијата. Нивната задача не е лесна и затоа ние сакаме подобро да работиме на нивна заштита. Ниту еден од „свиркачите“ не смее да биде исфрлен од работа, и исто така имаме финансиска награда за укажување на коруптивни зделки, подвлече Петкова.
Таа истакна дека Словачка според Индексот на транспарентност е една од најлошо рангираните земји, и се наоѓа на 49 место.
-Ги контролираме јавните набавки, го поддржуваме истражувачкото новинарство кое истражува случаи на висока корупција, работиме на подигнување на јавната свест преку неформална едукација и кампањи. Околу 80 волонтери од нашата организација работат во земјата на подигнување на јавната свест за борба против корупцијата, додаде словачката експертка.
Билјана Ивановска, претседателка на Државна комисија за спречување на корупција подвлече дека на прашањето што стои на патот за спроведување на антикорупциското законодавство, најсоодветен одговор е отсуство на лична свест, алчност, одговорност.
-За жал во нашето општество се повеќе се присутни суета, желба за моќ, алчност, но и страв, гнев и љубомора. Овие нешта вршат личен, општествен, образовен, идеолошки, здравствен, и секаков тип терор и репресија не оставајќи многу простор на достоинството, почитувањето на себе и другите, на чесноста, одговорноста, оцени таа, додавајќи дека личната свест и одговорноста за индикатори за зрелоста на едно општество.
Таа оцени дека непочитувањето на правилата на игра, односно кога не важат исто за сите, ја намалува довербата на граѓаните во институциите и тие се чувствуваат обесправени и несреќни.
-ДКСК постојано укажува дека состојбата со корупцијата е многу сериозна, а од работењето по предметите и пријавите во текот на 2020 година, констатиравме дека и понатаму постојат ризиците од корупција нотирани од наша страна во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, но и на кои укажуваат и извештаите од меѓународните институции. А тоа се политичкото влијание, (не)владеењето на правото и присуство на неказнивост. Отсуство на интегритет, како личен, така и институционален, недоволната транспарентност, но и недоследности и недоречености во законската регулатива, рече таа.
Со анализа на пријавите, продолжи Ивановска, се потврди фактот дека правосудните органи, извршната власт, институциите што одлучуваат во сферата на урбанизмот и општините се сектори кои се перцепирани со највисок ризик од корупција, злоупотреба на службена должност и можности за судир на интереси.
-Најмногу се пријавуваат појави за незаконско постапување, за злоупотреба на службена должност при вработувањата, издавањето разни дозволи, најмногу за градење…За раководни лица пресуден фактор за избор на кандидати е токму интервјуто, наместо успехот и освоените бодови, а ниту со закон ниту со подзаконски акти е регулиран начинот на водење на интервјуто преку структурирани прашања и негова евалуација, рече таа.
Според неа, оставањето простор на професионализмот, со вистинските луѓе на вистинските места, е основен услов ако сакаме да се разрешиме од корупцијата, бидејќи само така можеме да веруваме дека ќе работат луѓе со интегритет, професионално и ќе работат надвор од политичкото влијание. Ивановска нагласи оти е потребна политичка волја за политиката да ги тргне пипците од професионализмот, доколку сакаме успех.












