Кристина Арнаудова, музичарка и хуманитарка, со своето учество во иницијативата на ЦИВИЛ „Направи разлика: Почитувај ги различностите“ преку видео порака им порачува на граѓанките и граѓаните дека сите сме исти, дека воспитувањето доаѓа од дома, и дека најважно од се, е да се биде добар човек.
„Бидејќи сум растена во мултиетничко семејство, дедо ми беше Турчин, баба ми е Влаинка и живеевме во место, во Неготино, каде што бевме единствените. Мислам дека дедо ми беше единствениот Турчин, во тој период, иако мислам бевме многу почитувано семејство, отсекогаш сме биле… Тој беше судија, баба ми беше професорка, секогаш бев свесна за тоа дека не гледаат на поинаков начин. Но, од аспект на тоа како ние дома комунициравме, како сум воспитана, апсолутно не е важно што си… Ме воспитаа да бидам добар човек! Човекот се дели само на добар и на лош. Дома не се зборуваше за религија, не се зборуваше дека сме различни.
Мене ми беше тоа сосема нормално, сé додека не излегов на улица, и погледнав дека всушност тоа не е толку нормално во нашето општество. Моето воспитување во такво семејство го сметам за благослов, затоа што мислам дека тоа е голем дел од она што сум јас денес. А тоа е дека јас најпрво сум човек и само на тој начин ги делам луѓето. Би сакала да можеа повеќете луѓе да бидат воспитувани на тој начин, бидејќи верувајте дека тоа е навистина едно поинакво нешто. Значи те прави да престанеш да гледаш со предрасуди, те прави да престанеш да ги гледаш луѓето Албанец, Турчин, Влав, знаеш па одма тука аха оние се такви, овие се такви, значи во комуникацијата го немаш тоа. Нашето општество, ако сакаме да го направиме, може да биде богатство од општество. -Мислам дека нема ништо поважно од тоа човек да може слободно и гласно да каже сé она што мисли и сé она што е, без да се плаши притоа дека нешто ќе му се случи, дека некој нешто ќе му направи, дека ќе биде навреден, дека ќе биде деградиран, дека ќе биде жртва на булинг во семејството. И сметам дека ако не тргне од семејството тоа воспитување, ние немаме друг начин како тоа да го воспоставиме како некаков норматив“, вели Арнаудова.
„Бидете добри родители и учете ги вашите деца да бидат добри деца. Јас не сум само дел од оваа иницијатива, јас го живеам тој живот секој ден, она што го работам како хуманитарен работник во проектот „Среќа“, во комуникацијата со донаторите. На пример, имавме ситуација во која што донатор сакаше да ја делиме помошта само на христијански семејства. Јас тоа го одбив веднаш. Исто така, како што не сметам дека муслимански семејства треба да делат помош само на муслимани, значи ние сите сме луѓе и тука во неволјата, во сиромаштијата, никој не прашува дали си ти муслиман, дали си православен, дали си будист, итн.“, порачува Арнаудова.
Кристина Арнаудова е македонска пејачка, музичарка, изведувачка и композиторка. Родена 1979 во Неготино, Кристина расте во мултиетничко семејство, со дедо турчин и баба влаинка, каде нејзиниот нескротлив ентузијазам и енергија да се посветува на нештата кои ја исполнуваат и ги прават луѓето околу нејзе среќни, со своето време, финансии и други ресурси, силно ги поддржува вредностите во кои верува. Освен тоа, Кристина е текстописец, хуманитарец и филантроп. Средно образование завршува во родното Неготино, а потоа се запишува на правниот факултет, отсек новинарство и се преселува во Скопје, каде живее до денес. Љубовта кон музиката и микрофонот, Кристина почнува да ја развива на своја 4 годишна возраст. Пресудна улога во нејзината љубов кон музиката има нејзиниот вујко (тапанар) и пробите кои тој ги има со својот бенд под покривот на нивниот дом. „Прашина“ беше првиот албум во кариерата на Кристина. Заедно со главната песна, има уште 6 други песни во албумот, кои таа ги сними со нејзиниот поранешен бенд „Big Bang“, исто така и хитот „Знаеш кој е тој“ кој беше голем хит на радио и телевизија во летото 2001. Во текот на следните години, Арнаудова објавува повеќе албуми и преработки на песни.
Биљана Јордановска
камера: Атанас Петровски
монтажа и фотографија: Ариан Мехмети