Ребалансот на буџетот ќе се обиде да ја заживее економијата и да ја врати на патеката како пред пандемијата. Со него се предвидува помош за стопанството и граѓаните но и интензивно вложување во капиталните инвестиции. Со прекројувањето на државната каса, се зголемија приходите за 4,7 отсто и расходите за 24 отсто. Очекувањата на министерството за финансии се дека годинава прибирањето на даноците во буџетот ќе се зголемат, бидејќи за првите шест месеци бележат раст од 15,6 отсто споредено со лани.
Расходната страна на буџетот е зголемена за 300 милиони евра, а најголем дел од овие средства се наменети за реализација на капитални проекти. Покрај изградба на училишта и градинки или нивна реконструкција со ребалансот се предвидува и почеток на програмата на Владата за поддршка на стопанството и тоа за:
-Кредитна гарантна шема преку Развојната банка во период во април до октомври (4,8 милиони евра)
-Кредити до 0% преку Развојната банка за најпогодените сектори (10 милиони евра)
-Формирање на фонд за поддршка на истражување и развој преку Развојната банка (8 милиони евра)
За првпат, во буџетот се вметнува и новата ставка наречена „Зелен развој“ за која се одвоени 11,1 милиони евра. Преку оваа програма ќе се реализираат активности за пристап до чиста вода и воздух, чистење на диви депонии и намалување на емисиите на гасови.
Со ребалансот, поголемиот дел од министерствата ќе располагаат со истите буџети. Зголемување на буџетите има во министерството за труд и социјална политика и во ресорот земјоделство. Поголем буџет добива и министерството за здравство, а под посебна ставка во Ковид-програмата се двојат 12,8 милиони евра наменети за купување медицинска опрема и изградба и монтажа на модуларни болници и вакцинација на населението.
За разлика од власта, ставот на опозициските партии е дека овој ребаланс ќе придонесе за дополнителна сиромаштија, а дека раст на економијата нема да има. Опозициските аргументи се дека Владата не ги намалила непродуктивните трошења кои можеле да се наменат за дополнителна помош на стопанството и дека државата премногу се има задолжено.
Економските експерти, пак, во најголем дел се согласија дека пренамената на дополнителни пари за капиталните инвестиции, но и креирање на програмата „Зелен развој“ ќе влијаат позитивно на растот, доколку до крајот на годината се реализираат.
И со прекројувањето на буџетската каса, растот на македонската економија за оваа година би бил 4.1 процент од бруто-домашниот производ.
Од дежурниот деск на ЦИВИЛ












