Авторката на учебникот по босански јазик, Изета Бабачиќ вели дека бразованието на мајчин јазик, од најрана возраст, е многу важно и основа за понатамошното учење и поттикнување на интересот за знаење кај децата. Затоа со задоволство се пријавив на Повикот за подготовка на материјали за учење за прво одделение.
– Сметам дека правото на образование на мајчин јазик е едно од најголемите добра за припадниците на бошњачката заедница во Република Северна Македонија, затоа при подготовката се водевме според принципите и критериумите кои се бараат и според позитивните реформи кои се работат во нашето образование. Учебниците имаат вредност за секое време за кое се користеле и така и ние се потрудивме да креираме учебници за ова време и работевме според наставната програма, вели Бабачиќ, која заедно со Аида Зуковиќ се авторки на учебникот по босански јазик.
Како што информира Министерството за образование и наука, според авторката, во материјалот за учење е посветено внимание на психологијата на децата на оваа возраст, за учењето да биде лесно, спонтано и да одговори на нивната потреба за љубопитност.
– Вредноста на учебникот за прво одделение, без разлика на кој наставен јазик, е содржините да бидат еднакви за сите деца и единствена разлика да биде само наставниот јазик. И така се обидовме да овозможиме еднаков пристап до образовните содржини за сите деца, додава Бабачиќ.
Според авторката, во учебникот големо внимание е посветено и на содржини кои ќе им овозможат на децата полесна комуникација во животните ситуации. Покрај содржините од медиумска култура, новините се однесуваат и на описменување со разбирање, но и на примање и давање информации со размислување како основа на критичкото размислување.