пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Треба да се има разбирачка за маката на угостителите. Нивниот сектор, поради пандемијата со вирусот КОВИД-19, беше и е навистина еден од најпогодените. Штетите се големи, а во некои случаи и ненадоместливи, завршувајќи со затворање на бизниси и невработени луѓе.
Природата на пандемијата со вирусот КОВИД-19 е таква. Тој се шири – таму каде што се собираат луѓе. Затоа, треба да се има разбирачка и за сите напори на институциите да ги ограничат можностите за ширење на вирусот кој е прилично опасен па и смртоносен. А тоа, кога е потребно, подразбира и ограничувања на масовни собири, кои се случуваат и во угостителски објекти.
Како функционираше досега разбирачката меѓу институциите и угостителите, меѓу заштитата на врвниот јавен интерес, односно здравјето и животот на граѓаните, и економскиот интерес на угостителскиот сектор?
Како за кого.
Угостителите за цело време на пандемијата беа први или меѓу првите со нивните барања до владата, во медиумските објави, во канцелариите на функционерите. Тие барања, преку неколкуте економски пакети на Владата, во најголем дел, беа задоволени. Дури, споредбите што се направени за помошта за штетите од пандемијата во различни сектори покажуваат дека помошта за угостителскиот сектор била во некои случаи и неколкукратно поголема.
Но, токму угостителите и поврзаните професии беа меѓу најгласните еснафи во нивните критики кон мерките. Никогаш ништо не им чинеше. Ќе речете нормално е, ситуацијата им го загрозува бизнисот. Исто беше и со протестите. Токму угостителите и професиите поврзани со овој сектор излегоа неколкупати на протести и јавни настани, и покрај добиената поддршка.
Но, исто така беа разбирливи и реакциите на многу граѓани, бидејќи ним им се загрозува здравјето и животот. Да седиме криво а да збориме право, во голем дел од угостителските објекти мерките се „почитуваа“ само колку да се рече. Секојдневно ги гледа(в)ме примерите околу нас и на социјалните мрежи – од свадби, веселби, концерти и разни тезги, а некои од овие клубови и кафулиња станаа и ноторно познати по прекршување на мерките и предмет на подбив и на социјалните мрежи.
И сега, како натаму, во пресрет на новиот бран на пандемијата?
Угостителите се повторно први со барања на масата на Владата. И, повторно, не чинат мерките. Пеќи.
Ги демантираа од Дирекцијата за лични податоци дека барањето доказ за имунизација не е кршење на Законот. Нејсе.
А Владата? Таа најавува дека како и во минатото ќе им излезе во пресрет и ним, но и дека ќе ги спроведува мерките за да го заштити здравјето на граѓаните. Аферим.
А како ќе биде во пракса? Знаеме сите. Би требало да може подобро. Разбирачка за угостителите треба да има, но повеќекратно поголема разбирачка од онаа за помош и здравје за сите граѓани –не!