ИЗБОРИ : Два месеца пред локалните избори се дефинираат коалициите на партиите за заеднички настап во повеќе општини. Потпишување договор за соработка со најголемата македонска опозициска партија најави Алијанса за Албанците откако тоа завчера го навести и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Генералниот секретар на Алијанса за Албанците Арбен Таравари вчера изјави дека се во тек преговори за заеднички настап на изборите, а најверојатно идната недела ќе потпишат и договор за соработка. Исклучи секаква можност за соработка со ДУИ за Скопје, бидејќи партијата на Али Ахмети ќе коалицира со СДСМ.
ДОНАЦИЈА: Во пресрет на отворањето на училиштата и подготовките за организирање на наставата со физичко присуство на учениците, претставниците на УНИЦЕФ и УСАИД во земјава, Патриција Ди Џовани и Ерик Јановски, денеска ќе го посетат ОУ „Климент Охридски“ во Драчево – едно од петнаесетте училишта кои добија мобилни станици за миење раце заради подобрување на капацитетите за вода, санитација и хигиена. .
ЕВАКУАЦИЈА: Сите наши државјани кои биле пријавени за евакуација од Кабул, веќе го имаат напуштено Авганистан. Наскоро се очекува и пристигнувањето на цивилното население кое треба да биде сместено во земјава. Според власта, прифаќањето на авганистанските цивили во земјава е прашање на принципи, вредности и хуманост, а за опозицијата погрешен потег е да се примаат многу повеќе бегалци од Авганистан од побогатите држави.
КОВИД СЕРТИФИКАТ: Европската комисија вчера го одобри нашиот дигитален сертификат за Ковид-19. Нашата држава, како што информира Министерството за здравство, е прва во регионот за која сертификатите за Ковид-19 ќе се сметаат за еквивалентни на Дигиталниот сертификат на ЕУ.












