ЈУБИЛЕЈ: Со положување цвеќe пред Споменикот на Првиот скопски партизански одред во Карпош 3, и низа други настани, Град Скопје денеска ќе ја одбележи 80-годишнината од основањето на Првиот скопски партизански одред (22 август 1941 – 22 август 2021).
Одбележувањето ќе почне во 10 часот со историска едукативна тура за млади во Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработување на оружје за време на НОВ (1941-1944) во Скопје, а останатите активности се предвидени во 19 часот пред Споменикот на Првиот скопски партизански одред во Карпош 3.
ПОПИС: Конкурсот за реонски попишувачи е отворен до 25 август.Сите заинтересирани кандидати за реонски попишувачи можат да се пријават на онлајн апликацијата достапна на www.stat.gov.mk и popis2021.stat.gov.mk до 25 август.
ЛИЧНИ КАРТИ: Околу 40 илјади граѓани од денеска ќе можат да ги подигаат новите лични карти на кои ќе биде впишано новото име Република Северна Македонија. Печатењето и издавањето на личните карти е деблокирано откако Владата со подзаконски акт го овозможи тоа.
ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ: Неделава треба да пристигнат првите 250 терминали за читање на отпечатоци од прсти што ќе се применуваат на локалните избори на 17 октомври. Фингерпринт апаратите треба да бидат во земјава на 25 август.
Дел од најавите се од сервисот на МИА.
Редакцијата ги повикува граѓанските организации и други заинтересирани субјекти да ги испраќаат своите соопштенија, најави за настани и активности, секој ден, најдоцна во 8 часот наутро, за да се најдат во утринскиот преглед на најави на нашата медиумска платформа. Се разбира, прилозите пристигнати по тој термин, исто така, ќе бидат земени предвид за објавување.












