Министерството за култура и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска објавија повик за дигитализација на повеќе од пет милиони ливчиња со јазични записи, собирани со децении на терен, кои се чуваат во картонски кутии во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“,
Заинтересираните компании за реализација на овој проект своите апликации ќе може да ги поднесат до 21 октомври 2021.
Целта е соодветно и итно да се заштити лексичкиот материјал и во план е за најмногу две години да се создаде дигитална архива во која записите, меѓу кои има и стари повеќе од 500 години, ќе бидат заштитени. Ќе има и специјален софтвер за пребарување, со што ќе станат достапни за користење за истражувачи од земјава и од странство, за студентите по филологија, но и за сите заинтересирани за македонскиот јазик.
Компанијата што ќе победи на јавниот повик ќе го добие целиот износ предвиден за проектот односно 14 милиони денари, од кои 9 милиони од ФИТР и 5 милиони денари од буџетот на Министерството за култура.