Премиерот Зоран Заев денеска го прими поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер, кој на средбата ја оцени иницијативата „Отворен Балкан“ како исклучително значаен проект за поврзување на регионот во заеднички пазар како и на многу други нивоа што ќе им донесе многу придобивки на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија и ќе биде акцелератор на процесот за членство на овие земји во ЕУ.
Иницијативата „Отворен Балкан” е спротивна на националистичките агенди и со ова трите земји предводнички јасно и покажуваат на Европската Унија дека се сериозно посветени на иднината и на европскиот пат, додаде тој.
Блер доаѓа во Скопје во име на неговиот Институт за глобални промени кој во својот фокус ја има поддршката за технолошки развој на земјите кои имаат амбиции да бидат компетитивни и во чекор со технолошки напредните земји.
Посетата на Тони Блер на нашата земја и на регионот е добредојдена и правовремена, особено во контекст на определбата за забрзана дигитализација на земјите иницијатори на „Отворен Балкан“, како неопходен чекор за остварување на целите на иницијативата, оцени Заев.
На средбата беше истакната и придобивката што со дигитализацијата може да ја добие Северна Македонија во делот на менаџирање со податоци при справувањето со КОВИД-19, односно за ставањето во функција дигитални дата бази за регистрирање и верификација на граѓаните кои се вакцинирани со цел нивна побрза мобилност низ целиот свет.
Премиерот и неговиот гостин се согласија дека вакцинацијата е најдобро глобално решение во борбата со КОВИД-19 и дека нормализација во живеењето на граѓаните низ целиот свет е можна само преку масовна вакцинација, стои во соопштението на Владата.













