При вршењето увид на местото на трагичниот настан во модуларната болница во Тетово, покрај тројца обвинители од Основното јавно обвинителство во Тетово, синоќа излегоа и двајца обвинители од Основното јавно обвинителство од Скопје. На местото на настанот беше и јавниот обвинител на Република Северна Македонија кој присуствуваше и на работата на Кризниот штаб, информираат од ОЈО.
Во соработка со припадници на МВР, додаваат, веднаш е започнат увидот. Обвинителите издадоа наредби за обдукција и идентификување на телата на 14 лица починати во пожарот, а се испитува и дали има и други починати лица. За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал.
-До раните утрински часови, обвинителите сослушаа вработени во модуларната болница со цел да се утврдат причините за пожарот. Во исто време, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот во и околу објектот. Увидот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а јавните обвинители заедно со експертите на МВР, ќе ги обезбедат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан, соопшти ОЈО.
Од Министерството за здравство соопштија дека во ковид – центарот за време на пожарот, имало вкупно 26 пациенти, останатите 12 се на лекување во тетовската болница и се надвор од животна опасност.
-Нема настрадани здравствени лица, неколкумина се со полесни повреди, информираат од Министерството и изразуваат сочувство до семесјтвата на загинатите и длабоко жалење за страотната несреќа.
Од Министерството потенцираат дека во текот на денот постојано ќе информираат за сите нови детали околу случајот и апелираат медиумите и граѓаните да ги следат официјалните информации и да се воздржат од шпекулации за овој немил настан.












