ДЕХРАН МУРАТОВ
Сè понервозни стануваат „левичарите/десничарите“ бидејќи тешко им оди пропагандата (читај кампањата) да не се попишуваат граѓаните, односно да „не ја отвараат вратата“.
Вратата, речиси во секој дом е широко отворена за попишувачите, и за само неколку дена, над пола милион граѓани се попишаа на пописот, изјавија од Државен завод за статистика, која е релевантна институција за спроведување на пописот.
Наспроти информациите на ДЗС, со други нерелевантни дезинформации излезе пратеникот на Левица, Борислав Крмов кој во вестите на Канал 5, една од националните телевизии, триумфално изјавил дека: „Народот не само што не отвора врата туку и на клоци ги бркаат попишувачите“.
Со иста реторика, во име на „народот“ зборуваше и бившиот премиер, сега бегалец од правдата во Будимпешта, почесниот претседател на десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој пред да се случи упадот во Собрание на 27 април, во вестите на ТВ СИТЕЛ, национална телевизија, изјавил дека „народот нема да седи дома по папучи“.
Груевски по „крвавиот четврток“ се повлече и „ги пушти низ вода народот“ кој ги повика „да не седат со папучи по дома, туку да излезе на улица“, поттикнувајќи ги на насилство.
Веројатно и пратеникот Крмов ќе се изземе од одговорност доколку навистина некој попишувач биде физички нападнат. Веројатно ќе каже „јас само слушнав дека ги дигаат на клоци“ (но, не го осуди таквото однесување и доколку навистина е така).
Добро е тоа што граѓан(к)ите не им веруваат и не ги сфаќаат за озбилно ваквите ликови како Крмов, меѓутоа надлежните институции треба многу сериозно да ги земат во предвид ваквите хушкачки изјави „за кревање на клоци“, бидејќи доаѓаат од пратеник во Собрание на Република Северна Македонија и кој зима плата од парите на граѓаните. А да, инаку не му смета придавката „Северна“ кога се работи за пари, не ги бојкотира!