До 20 часот вчера, во рамки на пописот се попишани вкупно 711.418 лица, 221.268 домаќинства и 297.085 станови, информираше Државниот завод за статистика (ДЗС).
Заклучно со вчера, преку интернет апликацијата се самопопишале 193.054 македонски државјани кои живеат во странство или таму имаат времен престој.
Пописот на населението, домаќинствата и становите во земјава започна на 5 септември и ќе трае до 30 септември. Во април пописот беше одложен за овој месец, поради тогашниот трет ковид – бран.
Од ДЗС велат дека попишувањето од епидемиолошка смисла е безбедно бидејќи сите попишувачи се должни да носат маски на лицето, да одржуваат растојание од граѓаните и редовно пред и по секое попишување во домаќинствата, мора да ги дезинфицираат рацете и лаптоп уредите.
Граѓаните имаат право, доколку сакаат, да побараат во нивното домаќинство да дојде вакциниран попишувач.
Текот на пописот е во рамките на очекувањата, па дури и со темпо кое што мислиме дека е подобро од очекуваното. Дневно во работни денови, просекот на попишување е околу 100.000 лица, за викенд е нешто подобро и очекуваме следниот викенд да биде уште подобро, изјави денеска директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, во „Утрински брифинг“.