Состојбата на северот на Косово повторно е тензична, откако утрово припадниците на косовската полиција интервенираа против насобраните граѓани со солзавец и шок бомби, припадниците на Росо пристигнаа во Северна Митровица од јужниот дел на градот.
Според новинар од Косово онлајн, ситуацијата е крајно напната.
Еден србин е ранет со огнено оружје во Звечани во 11 часот,и тој моментално се наоѓа во болница во тешка состојба, а според неофицијални информации, повреден е уште еден граѓанин. Косовската полиција е на улиците во Звечани, и како што дознаваме, утринава во рацијата користела огнено оружје.
Косовската полиција издаде соопштение во кое се наведува дека „започнала полициски операции во раните утрински часови со цел да се реализираат стратешките цели во спречувањето на криминалните дејствија, особено во борбата против криумчарењето стока“.
Според соопштението, „акцијата се спроведува во регионот на Приштина, Пеќ, Јужна и Северна Митровица“.
Во меѓувреме, членовите на Росо и полицијата се повлекоа кон источниот мост во Северна Митровица, а улиците се полни со граѓани. Припадниците на косовската полиција почнаа да се повлекуваат од Звечани.
Премиерот на Косово, Албин Курти, реагираше по акцијата на косовската полиција во Северна Митровица и Звечани, и повика на смирување на ситуацијата со пораката дека акцијата е завршена.
Се огласи и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ која денеска ја повика меѓународната заедница, НАТО и КФОР, итно да реагираат и да го „воздржат премиерот на Косово, Албин Курти“, се наведува во соопштението од нејзиниот кабинет.
Таа изјави дека повод за ескалација на состојбата е упадот на косовската полиција во Северна Митровица и претресот во градските аптеки, деловни и станбени простории, складишта на стоки, ги вознемири граѓаните кои излегоа на протест и загриженост на улиците.
Сето ова доаѓа неколку дена пред одржувањето на локалните избори на Косово, закажани за недела, 17 октомври.
Извор: Косово онлајн Фото: Косово онлајн