Во Општина Дебар, каде денеска се спроведува втор круг од изборите за градоначалник, гласачките места се отворени навреме и гласањето се одвива непречено.
ЦИВИЛ ќе го набљудува процесот со неколку набљудувачи во Дебар.
„Гласачките места се отворени во седум часот. Гласањето во Општина Дебар се спроведува во 27 гласачки места, од кои 22 се во градот, две во село Могорче и по едно во селата Џепиште, Горно и Долно Косоврасти. Во единствениот избирачки список се запишани 19.211 лица, а во првиот круг гласаа околу 42 отсто“, изјави Рилинд Хаса, претседателот на Општинската изборна комисија – Дебар.
Вчера, додава тој, своето граѓанско право на глас го остварија 60 болни и изнемоштени лица.
Дебар е единствена општина во земјава, каде денеска се спроведува втор круг на локалните избори.
Во првиот круг ниту еден од кандидатите не го обезбеди потребниот цензус за победа, а на 31 октомври беше повторено гласањето во едно гласачко место.