Блупринт групата за реформи во правосудството изразува сериозна загриженост за висината на казната изречена на обвинетиот Зоран Милески – Кичеец за стореното кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Според информациите од Основното јавно обвинителство Гостивар постигната е спогодба со обвинетиот која била прифатена од страна на Основниот суд Гостивар. Со спогодбата, обвинетиот го признава стореното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 4 и став 3 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик и е осуден на ефективна казна затвор во траење од шест месеци.
Сметаме дека вака одмерената казна е несоодветна имајќи ги предвид последиците од кривичното дело, смрт на едно лице, тешки телесни повреди на четири лица и телесни повреди на две лица. Висината на изречената казна не може да ги оствари целите на казнувањето. Ниту придонесува во остварувањето на правдата за жртвите ниту пак спречува сторителот да врши кривични дела во иднина, ниту може воспитно да се влијае врз другите да не вршат кривични дела.
Можноста за ублажување на казната под законскиот минимум неспорно постои кога се донесува пресуда врз основа на спогодба на јавниот обвинител и осомничениот. Сепак, судијата на претходната постапка кој ја оценува предлог-спогодбата, има право да ја одбие доколку најде дека прибавените докази за фактите важни за избор и одмерување на кривичната санкција не го оправдуваат изрекувањето на предложената кривична санкција. Во конкретниот случај судијата бил должен да ја одбие предлог-спогодбата.
Целиот текст ТУКА.