Жените од Шуто Оризари повторно останаа без матичен гинеколог, откако пред шест месеци се отвори гинеколошка ординација, информираат од Иницијативата на жени од Шуто Оризари.
На ординацијата во која досега работеше д-р Божидар Бошковски е ставено известување дека таа од денес е затворена и докторот веќе нема да работи. Како главна причина за неговото заминување, наведени се приватни обврски, како и тоа што докторот заминува во пензија.
До крајот на овој месец, замена на д-р Бошковски ќе биде д-р Коруноски од ординацијата „Коруноски МВР“, сместена во поликлиниката на МВР, пишува во известувањето.
„И покрај заложбите на Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари прво за да се донесе гинекологот, па сѐ до тоа да не си замине, жените од Шуто Оризари повторно останаа без матичен гинеколог и повторно се става во ризик нивното сексуално и репродуктивно здравје.
Апелираме и ги повикуваме надлежите институции, Министертво за здравство веднаш и итно да изнајдат долготрајно решение за матичен гинеколог за жените од Шуто Оризари. Потсетуваме само во последниот период од шест месеци, две Ромки-родилки починаа за време на породувањето. Здружението Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари продолжува да застапува за овој долгодишен проблем со немање на матичен гинеколог, како и да им помага на жените да си ги остварат своите сексуално-репродуктивни права“, велат од Иницијативата.
Салија Беќир Халим за ЦИВИЛ Медиа уште во јануари пред да почне со работа д-р Божидар Бошковски, предупреди дека жените од Шуто Оризари повторно ќе останат без гинеколог, бидејќи д-р Бошковски треба да замине во пензија.
„И да почне со работа гинеколошката ординација, таа за краток период повторно ќе биде затворена, затоа треба државата уште сега да почне да подготвува специјализанти, односно да најде замена за докторот кога ќе си замине“, нагласи Беќир Халим.
Д.М.












