АЛЕКСАНДАР НИКОЛИЌ ПИСАРЕВ
По одржувањето на двата круга на гласање на локалните избори во Република Северна Македонија, оценките на повеќето набљудувачи беа речиси едногласни: изборите поминаа во мирна и демократска атмосфера.
Иако овој процес изгледа завршен, и новоизбраните градоначалници веќе потпишаа изјави, од осумдесет општини и град Скопје, во две општини во Република Северна Македонија уште не се избрани новите градоначалници.
Имено, во општините Маврово Ростуше и во општината Центар Жупа, на изборите не излегоа доволен број на гласачи, односно не беше постигнат потребниот цензус. Изборите во овие две општини ќе бидат повторени во март, а до тогаш старите градоначалници како ВД градоначалници ќе бидат и понатаму на чело на овие две единици на локалната самоуправа. Во овие две општини не се избрани ни советите на општините.
Според официјалните резултати што ги објави Државна изборна комисија, ВМРО-ДПМНЕ има градоначалници во 42 општини, СДСМ во 16, ДУИ во 11, независните кандидати дојдоа на власт во две општини (Дебарца и Куманово), како и во Град Скопје, Алијанса за Албанците во две и Беса во две општини. ДПА, ДПТ, Гром, и коалицијата ДОМ/ЛДП добија градоначалници во по една општина. Вкупно, тоа се 79 новоизбрани градоначалници од осумдесет општини и Град Скопје.
Независните кандидати кои победија во Дебарца и Куманово се Зоран Ногачески и Максим Димитриевски. Двајцата се од редовите на СДСМ од своите млади денови.
Градоначалничка на Скопје Данела Арсовска официјално настапи како независна кандидатка, но со силна поддршка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На официјалната веб страница на Град Скопје, освен фотографија, не е објавена биографија на новата градоначалничка (последна проверка на 22 декември 2021).
Освен од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска доби поддршка и од коалициониот партнер на Алијанса за Албанците и Алтернатива. Родена е на 20 декември 1979 година, магистер е по економија, а во 2014 година е избрана за претседателка на Сојузот на стопански комори. Прва од бизнис заедницата јавно настапи против иницијативата „Отворен Балкан“ оценувајќи дека е спротивна на интересите на земјата.
На веб страницата на Државна изборна комисија не се објавени резултати по советнички места (последна проверка на 22 декември 2021). Според партиски извори, ВМРО-ДПМНЕ освоила 520 советнички места, СДСМ 350. Ни во ЗЕЛС и во Министерството за локална самоуправа немаат податоци за бројот на советници и нивна партиската припадност по завршените избори.
*Овој текст е дел од публикацијата „Локални избори 2021: Научени лекции“ на ЦИВИЛ. Ставовите изнесени во оваа публикација се одговорност на ЦИВИЛ и на авторките и авторите и не ги одразува ставовите на донаторите.